logo
logo
logo

Документи

Сепак, ИМАЛО УПЛАТА ЗА КИНЕСКИ ВАКЦИНИ преку посредник со провизија

Vecer | 30.04.2021

Сепак, ИМАЛО УПЛАТА ЗА КИНЕСКИ ВАКЦИНИ преку посредник со провизија

Народната банка со документ потврдила дека имало уплата и поврат на средства на фирма посредник од страна на Владата за набавка на кинеските вакцини, дознава Пресинг ТВ од свои извори.

Со тоа се потврдува пишувањето на италијанскиот весник „Ла верита“, кој ја отвори целата афера околу обидот на македонската Влада да набави кинески вакцини преку фирмата посредник „Стабри“, што според весникот била регистрирана во Хонг Конг.

Од друга страна, пак, Владата само делумно одговорила на барањата на ДКСК, која отвори предмет за набавка на кинеските вакцини. Таа до антикорупционерите ги испратила само документите со кои се потврдува легалната и директна набавка на кинеските вакцини, што државата ги очекува да стигнат во секој момент.

Дали за да купи време или од други причини, Владата не ја доставила документацијата за набавката на вакцините преку фирмата посредник. Образложението било дека штом зделката не била реализирана, тогаш нема ни потреба да ја доставува и бараната документација.

Но, според сознанијата на „Пресинг ТВ“, антикорупционерите инсистирале да ја добијат и таа документација, па останува да се види дали Владата ќе смогне храброст и ќе настапи сосема транспарентно, или, пак, ќе се обиде да ја забошоти целата „посредничка авантура“. Од Владата се бараат одговори на прашањата чија била фирмата посредник, каде и кога била регистрирана, кога и на кој начин е стапено во контакт со неа, кога е извршена и колкава била уплатата.

Индикативно е и тоа што документацијата за легалната набавка на кинеските вакцини била испратена без ничиј потпис и класифицирана како државна тајна. А, каква е таа државна тајна ако зад неа не стои потпис на одговорно лице?!

На последната собраниска седница посветена на пратенички прашања, министерот за здравство Венко Филипче невешто се обиде да манипулира со јавноста со изјавата дека на сметката на фирмата посредник не биле исплатени 12 милиони долари и оти во ДКСК има предмет за тоа. Досегашниот селективен однос на Владата во испраќањето на бараните документи покажува дека ДКСК ја смета само како обичен параван пред јавноста.

А, сумата од 12 милиони долари не ја спомена ниту весникот „Ла верита“. До тој износ јавноста стигна откако чисто математички се пресмета бројот на вакцини, што требаше да се набават, со цената објавена во италијанскиот весник за една вакцина-коментира Пресинг ТВ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk