ВО ОПШТИНА ЧАШКА ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ТРЕТАТА ФАЗА

Село Мокрене ќе се поврзе со Велес со пат до јуни

Во општина Чашка започна третата фаза од реконструкцијата на локалниот пат од манастирот Св. Спас" во близина на селото Мокрени до регионалниот пат Велес-Богомила во должина од околу 12 километри. На отпочнувањето на работите на третата фаза, покрај жителите од Мокрени, Габровник и Ореов Дол присуствуваа и градоначалникот на општина Чашка, Горанчо Пановски и митрополитот на Повардарската епархија Агатангел.
- Започнуваме да ја градиме фазата од патот во должина од 4 километри. Средства добивме од агенцијата за финансиска поддршка за руралниот развој во висина од 23 387 600 денари. Се надеваме дека во јуни, годинава, повторно заедно со владиката Агатангел ќе ја пресечеме свечено лентата на целосно изградениот пат кој ќе го поврзе овој регион со светот, рече градоначалникот на општина Чашка, Горанчо Пановски.

Со изградбата на патот жителите од Ореов Дол, Габровник и Мокрени покрај што ќе се поврзат со Велес, на поголем број верници и љубители на убавата природа ќе им се овозможи да го посетат манастирот Свети Спас" кој се наоѓа во густата дабова и букова шума на планината Биса.
- Се радувам што се најдоа сили кои ќе ги отворат патиштата, но и срцата на нашите духовни чеда кои ќе дојдат во манастирот за да го најдат својот мир и спокој. Задоволни сме од досегашната посетеност на манастирот, но со асфалтирањето на патот, тој број ќе биде далеку поголем. Ќе изградиме нов конак покрај постојниот и нова црква, рече владиката Агатангел.
Проектот за изградбата на патот, кој започна да се реализира во 2011 година, предвидува негово проширување, тампонирање и асфалтирање. Документација ја финансираше Повардарска Епархија, додека општина Чашка, од својот буџет, обезбеди 3.568 965 денари. Агенцијата за поддршка на земјоделието и руралниот развој и Министерството за транспорт и врски обезбедија 19.827 584 денари. Вредноста на градежните зафати во првата и втората фаза од проектот изнесуваат 474.000 евра додека целиот проект чини околу 1 милион евра. Изградбата на патот ја изведуваат градежните претпријатија "Франит" и "Ескаватори" од Скопје и "Прогрес" од Гостивар. Патот се очекува целосно да биде готов до јуни годинава. (С.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари