Селмани: Слободните медиуми се кислород на секоја демократија, a нам ни треба многу кислород

Националниот совет за евроинтеграции денеска во Собранието одржа седница каде присуствуваше и еврокомесарот, Јоханес Хан, кој официјално го инаугурираше почетокот на скрининг процесот за подготвеноста на земјата за почнување на пристапните преговори.

На седницата се обрати и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, кој е член на Советот како претставник на граѓанскиот сектор, а во името на македонските новинари испрати неколку пораки до присутните.

Обраќајќи се кон комесарот Хан, Селмани изрази задоволство што зајакнува свеста во Европската унија дека Балканот е дел од Европа.

„Ве замолувам, во наредниот период во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, посветете повеќе внимание на медиумските реформи. Слободни и професионални медиуми се кислород на секоја демократија. Македонската демократија има потреба од многу кислород. Професионалните медиуми се најдобар лек против злоупотребите на секоја власт“, истакна Селмани.

Во пораката до власта, претседателот на ЗНМВ рече дека има промена во медиумите, но, како што оцени, тие промени се далеку од тоа да бидат одржливи.

„Ние како новинарско здружение соработуваме и ќе соработуваме со Вас, но мора да се договориме за неколку основни принципи. Мора да прекине политиката на неказнивост на насилството врз новинарите. Бројот на напади е намален последната година, полицијата новите напади ги расчистува поефикасно, но за жал досега ниту еден од насилниците не е изведен пред лицето на правдата. МВР тврди дека не може да ги обнови истрагите за старите напади врз новинарите од времето на претходната власт бидејќи тие се воделе непрофесионално, а во некој случаи биле уништени и докази. Ако не може да се обноват истрагите, тогаш можете да побарате кривична одговорност за раководителите во полицијата што воделе неквалитетни истраги и што уништувале докази“, истакна Селмани.

Во однос на политиката на неказнивост на напади врз новинари, тој кажа дека власта не треба да се крие зад обвинителството.

„Новиот обвинител е избран од новата власт, седнете и разговарајте со него како да се забрзаат истрагите во кои новинарите се жртви“, рече Селмани кој како погрешен го оцени и пристапот со реформата на јавниот сервис.

„Реформа нема да има со помалку пари за МРТ. Лани намаливте 40 посто од буџетот на МРТ, сега со ребаланс ќе давате нови три милиони евра. Со тоа се потврди нашето укажување дека 12 милиони евра годишно за МРТ се премалку за да се зајакне независноста и да се подобри квалитетот на програмата. Системот на финансирање мора да биде ослободен од политички влијанија и тој не смее да зависи од волјата на владата“, смета претседателот на ЗНМ.

Третата порака во своето обраќање тој ја упати до опозицијата.

„Немојте да го блокирате донесувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги затоа што ве убедуваме дека предложените измени, со исклучок на моделот на финансирање на МРТ, се добри за медиумите. Вашиот глас ќе одлучи за изборот на новите управни органи во МРТ и Агенцијата за медиуми затоа што во законот е предвидено двотретинско мнозинство. Дозволете овој закон да помине затоа што имате многу други закони со кои можете да се пазарите со власта“, рече Селмани.

На крај, тој се обрати и до колегите и посочи дека поголема слобода значи и поголема одговорност, па повика новинарите во својата работа верно да ги применуваат принципите на Кодексот на новинари.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари