logo
logo
logo

Се зајакнува македонската дипломатија во Женева, Брисел, Софија и Чикаго со економски советници

Vecer | 12.06.2021

Се зајакнува македонската дипломатија во Женева, Брисел, Софија и Чикаго со економски советници

Министерството за економија ќе прати тројца свои професионалци како економски советници во седиштето на Светската трговска организација (СТО) во Женева, потоа во Брисел – кој ќе биде задолжен за земјите од Бенелукс, и еден во Генералниот конзулат во Чикаго, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе прати во седиштето на Светската организација на храна (ФАО) во Рим. Покрај нив, ќе има и економски советник во нашата Амбасада во Софија, кој ќе биде единствен во регионов.

Советникот во Чикаго ќе има надлежност за регионот на т.н. езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота).

Ова е втор дел од пилот-проектот на Министерството за надворешни работи за економска дипломатија, откако неодамна беа назначени четворица економски советници во Минхен, Варшава, Анкара и Абу Даби.

Трите министерства ова го договорија со Спогодба, која шефот на дипломатијата Бујар Османи ја потпиша со министерот за економија Крешник Бектеши и со заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

На заедничката прес-конференција, Османи рече дека се избрани земјите за кои сметаат дека треба да се во фокусот на економската дипломатија. Соопшти дека  од МЗШВ побарале да имаат претставник и во Каиро зашто економската соработка со Египет е, пред се, во областа на земјоделските прозиводи.

– На овој начин, се обидуваме да ги вклучиме сите професионалци од институциите. Се уште го сметаме за пилот-проект,  но ова е втората фаза и мислам дека ќе придонесе во подобрување во економската соработка и зголемување на економските потенцијали на земјата, што на крајот се сведува на отворање нови работни места, зголемување на стандардот и воопшто подобрување на економијата, рече Османи.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека овој нов проект на МНР се совпаѓа со планот на Владата за економски развој и со сите стратегии, мисија и визија на Министерството за економија. Тој соопшти дека по потпишувањето на Спогодбата Министерството ќе  објави интерен оглас за економските советници што ќе бидат пратени во Женева, Брисел и Чикаго.

– Нашите претставници првично треба да го покажат нивниот капацитет согласно Комисијата која ќе ја формираме заедно со МНР. Откако ќе ги поминат сите тие филтри, тогаш заеднички со МНР ќе одлучиме кој ќе не претставува во тие држави.  Ќе почнеме со овие три во овој пилот-проект, а ќе бидеме заинтересирани и за други, рече Бектеши.

МЗШВ ја спровело постапката и ја избрало Лилјана Поп Андонова за економски советник во седиштето на Светската организација за храна (ФАО) во Рим, во која земјава е член од 1993 година. Поп Андонова е административен службеник со долгогодишно искуство  во соработка со меѓународни организации и со ФАО и повеќе години директор на проектите на ИПАРД.

Заменик-министерот за земјоделсво Трајан Димковски ја истакна важноста што по 17 години земјава ќе прати претставник во ФАО, како важна организација глобално за развојот во земјоделството

– Таа организација со години кај нас спроведува проекти и финансира. Покрај ФАО, оваа позиција што ја пополнуваме сега, ги покрива и другите две важни организации на ОН со седиште во Рим – Межународниот фонд за развој на зејоделство и Светска програма за храна, што отвора поле за нови проекти и развојни програми, рече Димковски.

Во рамки на пилот-проектот, вклучен ќе биде и економски советник во нашата Амбасада во Софија, единствен во регионот, со цел да се подобри економската соработка и трговија со Бугарија која долг период до потпишување на Договорот страдаше, рече Османи, а и поради влошувањето на политичките односи што се одразува и на економските. Советникот за Софија ќе биде избран на конкурс објавен пред неколку дена и кој се уште е во тек. Тој ќе треба да ги следи економските активности, соработката помеѓу бизнисите, можноста за инвестиции од двете страни, комуникацијата помеѓу луѓето, туристите…

Мислам дека ќе биде додадена вредност и во нашите политички односи.  Очекувам да има интерес од дипломатите во МНР. Неговата задача ќе биде малку поразлична од економските советници коишто ги испраќаме во другите држави бидејќи ќе сефокусира на секторската соработка во делот на  економските односи, на трговските односи и во имплементација на Акцискиот план во делот на економската соработка. Имаше многу шпекулации дали постои економска соработка со Бугарија, дали  има простор за бугарски инвестиции во државата, дали има одредена пречка, коишто ние ги демантиравме со факти. Тоа не е така затоа што државата е отворена за инвестиции од секоја држава, посебно од државите во регионот, рече Османи.

За разлика од дипломатите кои МНР ги упатува во ДКП-та со мандат од три години, одлуката за упатување економски советници е за мандат од една година со можност да им се продолжи до три години, Целта е да има годишна евалуација на нивната работа, а со тоа и повторна одлука на крајот на првата година дали тој треба да продолжи. Според Османи, резултатите во економската дипломатија се померливи од полтичката односно полесно се  евалуира колку активности имале да ги претстават нашите економски потенцијали, да најдат нови пазари за нашите производи, да обезбедат нови можности за туристи да ја посетат државата итн.

Трошоците за економските советници ќе ги плаќаат министертствата од кои тие се испратени и се исти колку и за секој дипломат што МНР го праќа во странство. Османи рече дека тие ќе бидат дел од дипломатската мрежа на МНР и ќе имаат дипломатски статус. Притоа посочи дека Република Северна Македонија сега има над 250 дипломати во ДКП-та низ светот.

– Но, една инвестиција која ќе отвори десет работни места ги оправдува сите трошоци за економските советници што се исптарени, нагласи Османи

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk