logo
logo
logo

Се врати другарот на Заев и „љубовта“ на Пендаровски

Vecer | 04.10.2022

Се врати другарот на Заев и „љубовта“ на Пендаровски

Лошите договори и уште полошите политичари ги доведоа односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ на најниско можно ниво, полоши дури од времето кога немаше никакви договори. Од 2017 година наваму, во Македонија се сменија двајца премиери и двајца претседатели, а во Бугарија за само 18 месеци се одржаа дури четири парламентарни изборни и еден претседателски циклус. Бројот на политички и технички премиери веќе не се ни памети, единствено Румен Радев е константа. Но, што е најважно, Македонија и Бугарија потпишаа три договори и сите три, меѓу нив и последниот, оној францускиот, со чист бугарски шмек, двете страни и натаму различно ги толкуваат. Особено „заедничката историја“ и дали таа е составен дел од преговарачкиот процес за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, анализира новинарот Предраг Димитровски за Пресинг ТВ. Додека македонската власт на чело со СДСМ и ДУИ го негира тоа, бугарскиот претседател Радев е дециден-прво вметнување на т.н. македонски Бугари во Уставот, па почеток на преговорите и нормално, потоа на ред доаѓа „заедничката историја“. Парламентарните избори од викендов во Бугарија уште еднаш ја манифестираа целата какафонија, што постои во македонскиот владејачки политички врв. Експремиерот Зоран Заев дефинитивно потврди дека е чист политички дунстер. Нему му е апсолутно непозната старата кинеска мудрост која вели „Ако тоа што сакаш да го кажеш не е попаметно од молчењето, тогаш молчи“. И сакајќи да дојде до израз, преку социјалните мрежи прв му ја честиташе победата на Бојко Борисов, прв човек на ГЕРБ и исто така ексбугарски премиер.
-Честитки на сите граѓани на Бугарија за успешните избори. Честитки на ГЕРБ и на мојот добар пријател Бојко Борисов за победата и освоената најголема доверба од бугарскиот народ. Поскувам успешни разговори за составување на новата влада која ќе донесе стабилност на нашиот источен сосед и просперитет на Бугарија. Стабилноста на Бугарија и просперитетот на бугарскиот народ е добра за македонскиот народ, како и за граѓаните на целиот Балкан, напиша Заев на социјалните мрежи.
Првата љубов нема заборав. Иако, кога станува збор за Заев, со него и тука човек не е на чисто, зашто тој ни призна дека имал две први љубови. Како беше, една во Горни или Долни Милановац, а една во Дојран.   Неговиот потпис на асиметричниот и погубен за Македонците Договор за добрососедство, пријателство и соработка, пријателството со Борисов, а посебно дадените ветувања не доведоа до ова дереџе. И желбите и анализите на Заев во целост не кореспондираат со анализите на сите релевантни светски медиумски агенции, кои уште првиот ден по изборите повеќе шанси даваат на нови избори, отколку на можност за формирање влада од страна на Борисов. Ако веќе Заев сакал да му честита на Бојкота, тоа можел да го стори приватно, телефонски, зашто вака ги става во непријатна ситуација и шефот на државата Стево Пендаровски, и премиерот Димитар Ковачевски. И тоа не заради честитките, туку поради нивниот однос кон досегашниот бугарски премиер Кирил Петков. За волја на вистината, доколку Борисов стане премиер, Пендаровски ќе биде на „слатки маки“. Зашто, во екот на еуфоријата од потпишувањето на Договорот од 2017 година, на еден од самитите за Западен Балкан, што се одржа во Сараево, остана запаметена една нивна меѓусебна реплика. „Ја ела тук при нас“, го повика Бојко нашиот претседател за да им се придружи нему и на тогашната српска премиерка Ана Брнабиќ. “Кај си љубави, те поздрави Зоки“, му возврати со нескрини изливи на љубов Пендаровски. Но, годинава, на 4 февруари, на заедничкото чествување на 150-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, Пендаровски направи непростлива споредба. Одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека надворешната политика ја водат премиерите, Пендаровски кажа дека говорите на Петков не се со навредувачка реторика.

-Јас мислам дека Кирил Петков не оди навредливо, не оди со реторика која беше стандардна дневна рутина посебно од некои министри од претходната бугарска влада. Да ви кажам најискрено, од она што го слушам од Петков откога е премиер е како да зборува Нелсон Мандела во споредба од она што зборуваа некои министри од Владата на Борисов, кога имаше дневна количина на навреди кон нас и како нација и како народ, изјави Пендаровски.

Значи, останува да видиме дали Пендаровски ќе жали по бугарскиот „Нелсон Мандела“ или повторно по Борисов ќе вика „љубави“! Откако на 12 јануари годинава Димитар Ковачевски беше избран за премиер намесник, првата средба што ја имаше со странски гостин беше со неговиот тогашен бугарски колега Кирил Петков. На 18 јануари двајцата харвардци, додуша едниот вистински, а другиот така, малку фалц, беа со полни усти фалби.
-Денеска имав средба со мојот драг колега и пријател Кирил Петков и си дадовме збор дека ќе ја искористиме новата енергија, ќе рече меѓу другото премиерот Ковачевски.
Се разбира, и Ковачевски за Петков беше драг колега и пријател, како таа колегијалност и пријателство да се граделе и да траеле со децении. Истите тие колеги и пријатели, пак, не можеа заднички да ги чествуваат светите браќа Кирил и Методиј на 24 мај во Рим. И како што обично бидува, едниот колега и пријател, асли хардварецот Петков му одржа политичка лекција на Ковачевски по одбрана на националните државни интереси. Сите бугарски барања станаа дел од францускиот предлог, што значи дека зад нив застана целата ЕУ, па Македонија сега ќе мора да вади од такво трње за да ја избегне насила наметнатата целосна бугаризација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk