Претставници од Владата и институциите на состанок ги разгледуваа можностите за формирање на дигитален, односно електронски конзулат, преку кој иселениците нема да има потреба да аплицираат за документи во амбасадите во земјите каде што престојуваат, туку истите документи ќе ги добиваат по дигитален пат.

На овој состанок присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, директорот на Управата за водење матични книги, Бујар Дарлишта, како и претставници од министерствата.

Османи нагласи дека идејата е да се дигитализира целокупниот процес, а сега се иницира бидејќи периодов се активира дигитализацијата на два процеса, и тоа идентификација со мастер кард и електронскиот регистар.

Спасовски потенцираше дека постои силна волја за реализација на еден ваков проект – дигитален конзулат, што во целост ќе ја олесни постапката на нашите граѓани при навремено завршување на административните обврски.

Министрите се согласија дека заеднички со максимални активности ќе се работи на реализација на овој проект. На средбата беше разгледана и можноста да се искористат позитивните примери од Словенија, Албанија и Романија, но и да се направат потребните законски измени, како и формирање на работни групи од двете министерства, една во делот на технологијата, друга во делот на правната регулатива.

makfax.com.mk