logo
logo
logo

Се подготвуваат новите наставни материјали за четвртоодделенците, објавен огласот за автори

Vecer | 22.05.2021

Се подготвуваат новите наставни материјали за четвртоодделенците, објавен огласот за автори


Објавен е повик за искусни практичари за изработка на нови материјали за учење и прирачници за реализирање на наставата во четврто одделение, кој може да се погледне на следниот линк.

Материјалите за учење се однесуваат на предметите Македонски јазик, Албански јазик, Турски јазик, Српски јазик, Босански јазик, Математика, Природни науки и Историја и општество, додека прирачниците се наменети за изведување на наставата по Музичко образование, Ликовно образование, Физичко и здравствено образование и Техничко образование.

Како што нагласуваат од Министерството за образование и наука, сите содржини во материјалите за учење и во прирачниците за наставниците треба да се базирани на современи, научно засновани и релевантни сознанија, а сите примери и активности да бидат креирани на начин и авторски јазик кој ќе биде интересен за учениците и соодветен нивната возраст.

МОН соопшти дека материјалите треба да ја промовираат еднаквоста и почитувањето на различностите, инклузивноста, да ја поддржуваат мултиетничката интеграција и да придонесат секој ученик да ги постигне очекуваните резултати од учењето и да ги стекне компетенциите дефинирани во новите наставни програми за четврто одделение.

„Силно веруваме дека повикот ќе го поттикне интересот за пријавување кај соодветната стручна и експертска јавност, затоа што и самата иницијатива за крупни промени во образованието која ја покрена актуелната Влада и раководствата на институциите на системот, но и отворената можност за учество на сите заинтересирани, создадоа мотивираност особено кај засегнатите ученици, наставници, стручни соработници, граѓански организации и здруженија да дадат свој придонес кон конкретизацијата и спроведувањето на планот за реформа на основното образование“, велат од МОН.

Минатиот месец беа изработени и наставните програми за прво одделение, а воедно и објавени повиците за автори/авторски тимови за изработка на материјалите за учење и за ликовни илустратори/графички дизајнери за изработка на детски илустрации.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk