Владејачкиот Социојалдемократски сојуз најави дека сѐ е подготвено за почеток на вакцинацијата во земјата и дека Македонија има пријатели, а тоа се покажало на дело преку првиот контингент на вакцини кој вчера пристигна од Србија.

„Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, како и Министерството за здравство, во изминатиот период презедоа сериозни чекори во надминување на сите предизвици со масовната имунизација против коронавирусот. Навреме се набавија соодветни фрижидери за складирање на вакцините, беше направен прецизен план за вакцинација на населението и денес се е подготвено за почеток на вакцинацијата“, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа потсети дека први ќе се вакцинираат здравствените работници кои во изминатиот период се во првите борбени редови против Ковид-19.

Од СДСМ информираат дека според предвидената динамика наскоро се очекува да пристигнат и кинеските вакцини, со што засилено ќе продолжи вакцинацијата на населението.

Во однос на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Кузеска рече дека партијата предводена од Мицкоски за време на коронакризата стоела настрана и  се однесува деструктивно.

„ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски не се грижат за здравјето на граѓаните. Единствената нивна грижа е како да ја зачуваат фотелјата на Мицкоски кој шест пати губи од граѓаните”, велат од партијата на власт.

makfax.com.mk