logo
logo
logo

Македонија се уште „делумно слободна“ земја

Vecer | 03.03.2021

Македонија се уште „делумно слободна“ земја

Северна Македонија се најде на 93-тото место од 210 светски држави и територии според најновиот извештај „Слободата во светот во 2021“ на Фридом Хаус. И покрај напредокот од четири места во споредба со минатогодишното рангирање, земјава сепак го задржа епитетот „делумно слободна“.

С. Македонија има рејтинг од 66 поени, од максимално можни 100. Три повеќе од минатата година, што е највисок скок во Европа и еден од највисоките подобрувања во светот во овогодишниот извештај.

Земјава има 27 од максимални 40 во делот на политички права, и 39 од максимални 60 во делот на граѓански слободи. Поголем скок изминатава година имале само Судан, Јужен Судан, Малави и Суринам.

Во споредба со земјите од регионот, С. Македонија е подобра од Босна и Херцеговина (53 поени), Косово (54), Црна Гора (63) и Србија (64), изеднчена е со Албанија која исто така има 66 поени, а полошо е позиционирана од Бугарија (78), Хрватска и Словенија (85) и Грција (87) која е лидер според слободите во регионот.

Извештајот како позначајни настани изминатата година ги издвојува парламентарните избори, кои поминале без сериозен инцидент, усвојување на новиот Закон за јавното обвинителство, процесот за отпочнување преговори со ЕУ кој беше блокиран од Бугарија, како и мерките кои се донесоа за справување со Ковид-19.

Сепак, извештајот истовремено потенцира дека С. Македонија и понатаму се соочува со корупција и дека новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашувања и покрај нивното засилено учество во јавниот дискурс.

Овогодишниот извештај на „Фридом Хаус“ е насловен „Демократијата под опсада“, а од организацијата соопштија дека ова е 15-та година по ред како во континуитет опаѓаат глобалните слободи.

„Додека светот во 2020 беше зафатен од смртоносна пандемија, економска и физичка небезбедност и насилни конфликти, бранителите на демократијата доживеаја нови тешки загуби во нивната борба против авторитарните непријатели, поместувајќи ја меѓународната рамнотежа во корист на тиранијата. Актуелните лидери сè повеќе користат сила за да се пресметаат со противниците, некогаш во име на јавното здравје, додека осамените активисти, без ефективна меѓународна поддршка, се соочија со тешки затворски казни, тортура или пак убиства“, се наведува во извештајот на „Фридом Хаус“.

На врвот на рангирањето и оваа година се најдоа скандинавските држави. Со максимални 100 поеним на првите три места се Финска, Норвешка и Шведска. На дното на листата е Тибет и Сирија со 1 поен, а во најлошите пет земји според слободите се уште и Јужен Судан, Еритреја и Туркменистан.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk