logo
logo
logo

Русковска за акцијата во Грчец: Најдовме многу помалку дрога од очекуваното, наркобосовите се во бегство

Vecer | 26.03.2021

Русковска за акцијата во Грчец: Најдовме многу помалку дрога од очекуваното, наркобосовите се во бегство

Акцијата за пронаоѓање дрога при сузбивањето на криминалните групи била пробиена во Грчец, а најголемата количина дрога е пронајдена во Гази Баба. Уапсени се 21 лице, шест лица се во бегство, а од нив, пет се главни кои ја воделе криминалната група.

Обвинителката Вилма Русковска кажа дека на локациите каде што знаеле дека има дрога, била отстранета. Најдени се само 800 грама кокаин на двете локации. Меѓу криминалната група има и малолетно лице. Русковска потенцираше дека не можат да ги најдат ни луксузните возила кои ги поседувале водачите на групите, бидејќи биле сокриени.

„Немаме доказ дека се меѓусебно поврзани, затоа поединечно беа собирани и доказите. Откако сметавме дека имаме доволно докази за сите лица, се организираше акција за нивно лишување од слобода. Во село Грчец се извршени претреси на 26 локации, лишени се од слобода 13 лица, од кои за 9 лица има мерка притвор, за три има мерка куќен притвор и за едно лице мерки на претпазливост. Од оваа група, пет лица ни се недостапни. Можете да ја видите шемата, односно организаторите и сите кои одат под нив и нивната меѓусебна комуникација. Во шемата има и едно малолетно лице во криминалната група во село Грчец“, рече обвинителката.

Таа посочи дека фатени се само продавачите, но не и, како што кажа Русковска, „наркобосовите“. Дополнително со вештачење на телефоните ќе се утврдува дали акцијата е пробиена со помош на вработени во полицијата.

„Што се однесува до криминалната група од Гази Баба, извршени се претреси на девет места, од кои осум лица се приведени и се наоѓаат во притвор, а по едно лице се трага. Можам да ви кажам дека од двете групи се одземени повеќе од 80.000 евра, повеќе од 300.000 денари, 500 франци. Што се однесува на пронајдената наркотична дрога, ќе ви кажам дека е околу 5 кг мархуана и некаде околу 600-700 грама кокаин. Сè уште не се извршени вештачења. Најголем дел од парите и дрогата се најдени при претресите во Гази Баба, а многу малку во село Грчец бидејќи според посебните истражни мерки, кои се завршуваат денеска, а кои се однесуваат на овие шест лица по кои се трага, имаме сознанија дека акцијата во село Грчец е пробиена. Таму за каде што имавме сознанија дека има дрога, беше исчистено. Тука на три локации се пронајдени некад околу 100 грама кокаин. Без разлика на количината, обвинителството располага со цврсти докази за сите лица за кои е издадена наредба за спроведување истражна постапка. Од самиот почеток знаевме дека нема да успееме да најдеме поголема количина дрога. Одземени се само три возила, и тоа две од Грчец и една од Гази Баба. Со тоа што најлуксузните возила кои ги поседуваат водачите на Грчец беа сокриени, што значи дека негде се пронајдени само клучеви, некаде ни тоа“, додаде Русковска.

Акцијата се одвивала една година, се следеле комуникации, но се правело и физичко следење на осомничените. Русковска тврди дека има докази и за лицата кои се во бегство, што значи дека од слобода не можат да ги уништат.

„Пред една година со двајца обвинители и со тимот истражители кои се во Обвинителството решивме да се обидеме да собереме доволно докази со кои ќе се оневозможат понатамошно делување на две криминални групи, и тоа една од село Грчец, а другата во населба Гази Баба. Уште на почетокот бевме свесни дека за секој од членовите на овие криминални групи мора да собираме поединечни докази бидејќи тие дрогата што ја продаваа ја чуваат на безбедни места и дека постои мала веројатност сека при спроведување на акција за нивно лишување на слобода ќе се најдат големи количини наркотична дрога, а во најголем број случаи се работи за кокаин. Се побараа наредби за посебни истражни мерки, следење на комуникации и тајно следење и снимање надвор од приватен имот. Истражителите на Обвинителството беа во техниката каде што се вршеше прислушувањето, односно следењето на комуникациите кога имаа сознанија дека одредени лица ќе вршат продажба на наркотична дрога, се координираа со другите истражители, а овие со службата за следење при што откако ќе се документираше продажбата со помош на одбрани лица на интервентната полиција се вршеше запирање на возилото, запирање на улица при што им беше одземана наркотичната дрога која ја имаа купено. Кривични пријави за поединци одеа по основните обвинителства, ако купувачите ја препродаваa дрогата“, додаде Русковска.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk