Разбојници лажеле дека се полицајци и со пиштол му се заканиле на 23-годишник

Утрово во полициската станица Аеродром, 23-годишник од Скопје пријавил дека во раните утрински часови, додека со автомобил се движел по булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“, во придружба на негова другарка, бил на двапати пресретнат од три лица.

Најпрво тоа се случило во близина на железничката станица, а потоа и кај трговскиот центар „Бисер“ при што тројцата неидентификувани мажи излегле од автомобил „киа“. Возачот од „киата“ извадил легитимација и лажно му се претставил на 23-годишникот како полициски службеник, по што му ги зел телефонот и документите.

По ова, 23-годишниот скопјанец се упатил кон паркот во Ново Лисиче, каде требало да се види со пријатели, но и таму дошле лицата со автомобил „киа“, при што и од другарите побарале документи.

Еден од тројцата разбојници физички го нападнал момчето на кое претходно му го земал телефонот и му се заканил со пиштол.

Веднаш по пријавата преземени се соодветни мерки и активности и во полициска станица бил приведен 25-годишник идентификуван како сторител на настанот. По целосно расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари