ИВЗ ГО ДОБИ РАМАДАНИ НА СУД

Рамадани мора да ја напушти Иса-Бег џамијата

Ќе продолжиме со сите правни средства да ја докажеме нелегитимната промена на Уставот на ИВЗ од 2008. Ќе ја напуштам Иса-бег џамијата, кога ќе бидам избран на челната позиција во ИВЗ, реагира Рамадани

Рамадан Рамадани има осум дена рок да ја напушти Исабеговата џамија и да ги прекине сите верски обреди што ги извршува во овој објект. Основниот суд во декември пресудил дека Рамадани неовластено узурпирал имот на Исламската верска заедница, бидејќи со одлука на Поглаварот на ИВЗ од 1 јули 2010 бил разрешен од свештеничката функција, а тој и понатаму продолжил да ги извршува верските обреди. Судот ја прифатил тужбата на ИВЗ и констатирал дека Рамадани го попречува нормалното функционирање на џамијата, не дозволувајќи легитимната верска институција да воспостави контрола над сопствениот имот.
Во Скопското муфтиство сега ја чекаат правосилноста на пресудата, а потоа, доколку Рамадани не ја напушти џамијата, ќе побараат асистенција од полиција.

Правосилност чека и Рамадани, иницијатор за смена на поглаварот, Сулејман Реџепи. Уверен дека Апелациониот суд ќе ја укине оваа пресуда.
-Ќе продолжиме со сите правни средства да ја докажеме нелегитимната промена на Уставот на ИВЗ од 2008. Ќе ја напуштам Иса-бег џамијата, кога ќе бидам избран на челната позиција во ИВЗ, бидејќи нема да држам, како некои од нив, по две работни места, вели Рамадани во писмената реакција за одлуката на Основниот суд.

Во образложението на пресудата, судот како клучен аргумент дека е нарушено владеењето на ИВЗ врз џамијата, го посочува инцидентот што се случи на 15 јули, кога новопоставениот имам на ИВЗ беше физички нападнат. Тепачката во Исабеговата џамија беше само еден од настаните што ги одбележаа случувањата во ИВЗ минатата година.
Марјан Николовски

Претепан кумановскиот муфтија
Кумановскиот муфтија, Абедин Имери пред два дена во центарот на Куманово, бил претепан од лице кое имало нередовен работен однос како оџа во ова муфтиство.
На тепачката и претходела вербална расправија во просториите на кумановското муфтиство. Седат Мемиши барал Имери да му дозволи да врши верски обред во една од џамите, на Муфтијата му одговорил дека може да му овозможи друга, а не таа џамија што тој ја бара. Седат Мемиши, и уште две лица подоцна го пресретнале муфтијата во центарот на градот и со тупаници му нанале повреди во пределот на главата. Настанот го расчистува кумановската полиција.
-Станува збор за претходни нерасчистени односи меѓу муфтијата и оџата. Вербалната расправија поминала во тепачка, велат од СВР Куманово.
Муфтијата Имери, вчера не беше достапен за коментар. Без коментар е Исламската верска заедница.


Поврзани

Најнови вести

Коментари