Власта врши прогон и уцени со цел да го растури синдикалното организирање во Македонија вели Благоја Ралповски претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати за „Топ Тема на Телма.

– Имаме прогон на синдикални лидери, имаме атак врз синдикалното организирање, се повеќе наши членови се деградираат, се отпуштаат од работа и има големи обиди да се растури синдикалното  организирање со уцени, од страна на власта, именувани и избрани луѓе од оваа влада на Македонија, потенцира Ралповски.

Ралповски говорејќи за утрешниот протест на КСС вели дека во Македонија социјалниот дијалог и работничките права се на најниско ниво досега додека се што носи владата го носи популистички, но од тоа работниците немаат корист

– Немаме социјален дијалог во земјава, тој е на најниско ниво  откако постои Македонија. Работничките права се на најниско ниво. Беше популистички најавувано зголемувањето на минималната плата, а видовме 1,7%, а 2% инфлација во март, не знам за кое покачување разговараме.  Се употребуваше популизам околу неработната недела, а видовме дека станаа 38 дејности што ќе работат, па и 39 придружни, 40 помошни и сега сите ќе работат, истакна Ралповски.

Тој нагласи дека не се почитува ни Законот во делот за безбедност и здравје и Законот за пензиско и инвалидско каде што КОВИД-19 треба да биде повреда на работа, согласно новата биолошка штетност, и не се исплаќа 100% плата на оние кои се заразени на работа.