Радовиш го поништи огласот за фигара, градоначалникот се крие

Градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, го поништи тендерот за набавка на 45 производи за нега на коса – фигаро, наменети како подароци за вработените. Поништувањето на тендерот доаѓа откако „Макфакс“ вчера објави дека општината Радовиш ќе плати 42.300 денари по повод Денот на жената, 8 Март.

Во објаснувањето на Бирото за јавни набавки стои дека постапката е поништена поради непредвидени и објективни околности, со што се промениле потребите на Радовиш.

Утрово градоначалникот Герасим Конзулов не сакаше да одговори зошто со општински пари купуваат подароци за вработените. „Макфакс“ контактираше со неговиот кабинет, но оттаму не сакаа да одговорат зошто Конзулов подароците не ги платил со свои пари. Секретарката, откако го слушна прашањето, го исклучи повикот и повеќе не одговараше на повиците.

Огласот за подароците доаѓа два месеца откако градоначалникот Конзулов се пожали дека општината има многу долгови и дека не знае како ќе се исплатат. Тој кажа дека Радовиш е задолжена за 37 милиони денари, а секојдневно пристигнувале извршни судски решенија за наплата. Зборувајќи за лошата финансиска состојба, Конзулов рече дека општината исто така има и кредит од над милион евра, а со 19 милиони денари е гарант на кредит земен од Јавното комунално претпријатије „Плаваја“.

К. Л.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари