За заслуги во борбата против фашизмот

Путин ја одликува Мирка Велиновска

Вчера на мала свеченост во скопскиот хотел „Амбасадор" рускиот амбасадор во Република Македонија Олег Шчербак ѝ врачи одликување на новинарката Мирка Велиновска за заслуги во борбата против фашизмот. Медалот и пофалницата се потпишани од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, а ѝ беа доделени на новинарката по повод 70-годишнината од победата над фашизмот, настан кој веќе со години во еден дел од Стариот континент е маргинализиран на сметка на Денот на Европа.


Нашите предци мислеа дека со победата официјализирана на 9 мај 1945 година фашизмот е мртов, истакна амбасадорот Шчербак. Но, се покажува дека не е така и денес сме сведоци дека фашизмот одново се појавува во низа земји. Во војната загинаа повеќе од 50 милиони луѓе, СССР даде 28 милиони жртви за таа победа, а и денес постојано се откриваат нови масовни гробници и бројот на загинатите во војната постојано се зголемува. Само во последната година, бројот на жртвите е зголемен за нови 20.000 лица, истакна амбасадорот, додавајќи дека е несфатливо како еден од светот се обидува да ја потисне оваа катастрофа на човештвото.


Овој чин го сметам како признание за исполнување на мојот и генерацискиот долг кон нашите родители што ја извојуваа победата против фашизмот и признание за весникот основан во 1944 година, во чиј темел е антифашизмот, истакна Велиновска изразувајќи ја својата благодарност за честа што ѝ е укажана. Денешниот современ фашизам кој воскреснува пред нашите очи, отпочеток тешко се препознаваше затоа што имаше затскриени појавни форми и не беше така лесно да се препознае. Но, сега нема дилеми дека тој е присутен во низа земји и голема грешка е ако биде игнориран. Впрочем, и Хитлер на почетокот беше игнориран, па познато ни е потоа што сѐ се случи – додаде Велиновска.


Седумдесетгодишнината од победата над фашизмот во Русија на 9 мај беше одбележена со голема воена парада. На парадата не присуствуваа челниците на низа западни земји поради санкциите што западниот свет ги има воведено кон Русија. Потегот предизвика различни одгласи во светот, бидејќи една актуелна политичка ситуација пресликана во односите меѓу Русија и САД со членките од НАТО ѝ е претпоставена на најголемата војна во историјата на човештвото во која народите на поранешниот СССР го изнесоа лавовскиот товар.

И претседателот Иванов со одликување

За одликувањето одлучувал посебен одбор чиј претседател е рускиот претседател Путин. Во Македонија се доделени пет вакви одликувања, а покрај Велиновска, чест им е укажана и на претседателот на Република Македонија, Ѓорги Иванов, на генералниот директор на „Алкалоид", Живко Мукаетов, на Центарот за холокауст во Скопје и ректорот на скопскиот Универзитет „Св. Kирил и Методиј", Велимир Стојковски.

(Дневник)

Поврзани

Најнови вести

Коментари