logo
logo
logo

“Прво сме Македонци, а потоа следи религијата и се друго“

Vecer | 25.03.2023

“Прво сме Македонци, а потоа следи религијата и се друго“

Принципот дека прво сте етнички Македонец, а потоа муслиман, атеист, агностик, христијанин и така натаму треба да биде идниот темел на македонската нација. Да ги поправиме грешките од минатото. Да зборуваме и да градиме современа македонска нација од обединет македонски етнос.

Секуларизмот на македонската нација треба да започне со јавно извинување за нашето отфрлање на Македонците што практикуваат ислам од Долна Река; Торбешијата (Скопско); Лабуништа, Бороец, Негорци и други села во Струшко; Општина Центар Жупа и поширокиот Дебарски Регион; Тетовскиот Регион каде што спаѓаат селата Јеловјане и Урвич; Општина Пласница; Општина Долнени; Битолско, селата во Велешко и на сите оние чие верување е засновано на исламот.

Со првите денови на постот им посакувам на нашите браќа Македонци да го поминат во благосостојба, со лесно и да ги пратат мир и љубов.

Овие Македонци што по толку голготи успеаја да ги зачуваат нивните традиции и обичаи, кои зборуваат еден од најмилозвучните македонски дијалекти со богата архаичност во нивниот речник, се достојни за почит и поклонение од сите нас! Нивното страдање започнува во дваесеттите години на минатиот век кога започнуваат нивниот прогон и иселување, рангирање како граѓани од втор ред, издвојување и дискриминирање од другиот дел на Македонците само поради нивната верска определба.

Целта на ваквото постапување е јасна и недвосмислена, а тоа е ситнење на македонскиот етнос во процесот на создавање на македонската нација. За ова сведочат Македонците што живеат во Турција во градовите како Истанбул, Измир, Бурса, Маниса, Каршијака, Бостанли и така натаму. Тие се иселени од Македонија како топонимска целина со повеќе меѓудржавни договори помеѓу Турција и Грција, Кралството Југославија, па и Титова Југославија во духот на размена на „христијанско со нехристијанско население“. За жал, до ден-денешен оваа обесправеност, дискриминација и нееднаквост траат по други основи и методи, а на штета на сите нас Македонците!

Во Република Македонија според неофицијални бројки живеат околу сто-двесте илјади Македонци што практикуваат ислам!

Очигледно дека не извлековме наравоучение од минатото, но никогаш не е доцна да ја смениме иднината! Да не го заборавиме фанариотскот и егзархискиот терор кон нас Македонците, кога преку црквата нѐ погрчуваа и нѐ побугаруваа!

Религијата очигледно е алатка со која антимакедонските пропаганди царуваат и сакаат да нѐ поделат нас Македонците. Ова во дваесет и првиот век веќе не треба да го дозволиме и треба да дејствуваме во насока на интеграција на Македонците од претходно наведените области и сите оние другите што практикуваат ислам, а целта ќе ја постигнеме кога ќе имаме од нив македонски генерали, доктори, новинари, судии, пратеници, министри!

Да тргнеме по патот на античките филозофи како Марко Аврелиј и Епикур; средновековните муслимански полимати како Ибн Ружд; мислителите од периодот на просветителството, Дени Дидро, Волтер, Барух Спиноза, Џон Лок, Џејмс Медисон, Томас Џеферсон, кои го прокламираат секуларизмот како правец или гледиште дека човековите дејности и одлуки во општеството не би требало да потпаѓаат под влијанија на религијата. Да се потсетиме на она што нашите предци го имаат вградено во документите на Македонското востание од 1878 г. во Кресна, Крушевскиот манифест и АСНОМ!

И сега главното прашање што ни го има поставено Крсте Петков Мисирков – „Што направивме и што треба да направиме?“

Дозволивме овие Македонци да бидат предмет на асимилација пред наши очи, при што навистина со ништо не може да се оправдаат нашата негрижа и незаинтересираност за нив.

Дозволивме да се албанизираат и турцизираат и да се отуѓат од нас. Интелектуално/политичката елита треба јавно да се извини за сегрегацијата на Македонците што се со муслиманска вероисповед! Да се примени концептот на позитивна дискриминација за овие Македонци за да станат еднакви со другите Македонци. Да се одвојат средства од македонскиот буџет за нивно школување и унапредување, но не како Албанци или Турци туку како Македонци. Да се престане со нивното маргинализирање и користење со погрдни називи, да им се дава приоритет во извршувањето на државните функции.

Со еден збор, да се престане со кршење на нивните индивидуални и колективни права и да се започне процес на еднаквост со другите Македонци. Да се започне сериозен процес за да се сузбие нивната сегрегација од наша страна со конкретни мерки.

Како на пример, да им се даде посебна општина Лабуништа, ако се има предвид дека ова село има повеќе жители отколку Струга, а потпаѓа под јурисдикција на Струга.

Лабуништа да има свои институции на локална власт, а централната власт да ја финансира нивната одржливост. Оваа мерка треба да се примени и на други општини каде што живее ова население.

Треба да се примени концептот на вработување во локалната и централната власт на Македонците што практикуваат ислам, да се даваат стипендии за нивно образование и надградување. Инфраструктурно државата да инвестира во патишта, водоводи, здравствени установи, со цел да им се олесни нивниот живот. Како на пример, да се отвори преминот Бошков мост – Извор, со цел жителите од Дебар да имаат подобро поврзување со оние од Кичево.

Македонската интелектуална и политичка елита треба веднаш да се фокусира на овој проблем и да бара решение и да им даде надеж и верба со своите постапки на овие Македонци, за да се покаже на дело дека Македонија е нивна држава и дека тие се Македонци по род како и сите ние!

И на крајот, да не заборавиме дека на 29 октомври во Горно Врановци, село населено со Македонци што практикуваат ислам, е објавен првиот број на весникот „Нова Македонија“, кој е прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик во ослободената Македонија.

Тони Менкиновски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk