logo
logo
logo

Тренчевска промовираше протокол за справување со „децата на улица“

Vecer | 20.03.2023

Тренчевска промовираше протокол за справување со „децата на улица“

Минатата година се евидентирани 90 „деца на улица“. Опоменати се 22 родители, шест деца биле згрижени во дневен центар, а четири деца биле сместени во мал групен дом.

Според министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска овој број мора да се намали, а тоа ќе се реализира со протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица што беше промовиран денеска.

Тренчевска рече дека правото на живот и слобода, почитување на достоинството и еднаквоста на човековите права, денес стануваат општествени начела, а интересот за положбата на децата се смета за еден од најзначајните, и можеби ја носи квалификацијата на „судбинско прашање“ на секое општество кое има граѓанска определба.

Министерката додаде дека семејството и нивните родители или старатели, не можат секогаш да ги заштитат децата од надворешни опасности и закани, а често и самите тие се извор на кризи и насилство врз децата.

Токму децата раснати во вакви семејства, рече, имаат долгорочни последици од доживеаната траума, нивното здравје и развој е нарушено, како и нивниот психички, социјален и морален интегритет. Затоа, додаде, заштитата на децата на улица е многу сложен и комплексен процес во постапување на повеќе сектори во системот на заштита на децата.

Таа нагласи дека децата на улица имаат право на заштита од сите надлежни институции кои можат адекватно да одговорат на нивните потреби, особено на злоупотрeбените деца, да ги заштитат и да им помогнат во процесот на надминување на ризикот.

Министерот за внатрешни работи во своето обраќање изјави дека институциите имаат потреба од овој документ, посебно стручните лица кои се во допир со целната група – деца на улица, каде што е потребен унифициран, стандардизиран и единствен начин на постапување со овие деца.

А најголемата придобивка и клучниот момент на овој Протокол, како што кажува и самото име на документот, е токму мултисекторскиот и мултидисциплинарниот приод во соработката помеѓу институциите и нивните одговорности, како основа за оттргнување на овие деца од улица, нивна заштита и целосно вклучување во општеството, рече министерот.

Тој нагласи дека децата се нашата иднина, но низ улиците секојдневно среќаваме деца без родителски надзор.

Тие продаваат ситни производи, питачат или собираат стари работи од контејнерите, а не ретко ги чистат ветробранските стакла од автомобилите на фреквентни крстосници, доведувајќи ги во опасност сопствениот, но и животите на останатите учесници во сообраќајот. И овие деца на улица се нечии деца. Во суштина анализите на овие улични деца кај нас покажаа дека тие имаат домови и семејства, но економската состојба на семејствата е на многу ниско ниво и отсуствува родителската грижа и заштита. Па наместо да се на училиште – тие талкаат и безделничат, наместо да се во својот дом или да растат низ играта со врсниците – тие питачат, вршат работни активности, истакна Спасовски.

Протоколот беше промовиран денеска од страна на министерката Тренчевска, министерт Спасовски, амбасадорот на Норвешка, Јон Еуген Гелштад и постојаниот претставник на УНДП, Арменд Григоријан.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk