Д-р Иван Ѓикиќ е често присутен во медиумите и јавно зборува за предизвиците со короната. На денешната зум-средба организирана од НВО Инфоцентарот тој рече дека нè очекува тешка и неизвесна зима, дека новиот делта-плус сој може да доминира во Европа, а дека ако Македонија остане на бројката од 50 отсто вакцинирани возрасни граѓани веројатно зимава ќе имаме нови починати, над оние проценети 7.000 лица во моментов, шренесува ПлусИнфо.

– Во земји како Данска и Норвешка клучот за да се промени однесувањето на луѓето е во доброто и јасно комуницирање на владата и кампањата со граѓаните – вели Ѓикиќ.

Д-р Ѓикиќ вели дека сите видови на вакцини против коронавирус се безбедни и штитат до 90 отсто на почетокот, дека можеме да ги мешаме и дека трета доза е убаво да земат и младите, а не само старите. Тој жали што владите низ Европа не ги слушаат доволно експертите, дека медиумите цело време заплашуваат, но потсетува дека тоа што Македонија е мала и сиромашна земја не е изговор за лошото менаџирање на ковид-кризата, а пред сè битна е довербата која граѓаните ја имаат во владата и нејзиниот кредибилитет, пишува ПлусИнфо.

Македонската влада не работела добро и не смееме да застанеме на 50 отсто
Запрашан да ја коментира ковид-смртноста кај нас д-р Ѓикиќ вели дека тоа е поврзано со процентот на вакцинирани граѓани.

– Дури не постигнете 60-70 отсто, Македонија ќе биде земја со ризик за смртност од коронавирус. Ако останете под 50 отсто тоа е веќе причина за аларм. Со тој процент, низ зимата ќе имате не 7.000, туку неколку илјади повеќе починати. Делта-сојот се шири 60 отсто повеќе од другите мутации. Можете да замислите колкави ќе беа бројките ако воопшто немавме вакцини. А, сигурен сум дека новиот делта-плус сој веќе прошетал по цела Европа и тоа сигурно ќе биде нов проблем оваа зима.

Во Македонија и вакцинираните ќе се заразат од многуте невакцинирани
За д-р Ѓикиќ доказ дека македонската влада не работела добро е фактот што Македонија е на трето место по смртност во светот, а уште поинтересно е што 17 отсто од починатите во земјата биле од вакцинираните.

– Тие луѓе (починатите) дошле во контакт со вирусот многу почесто и повеќе, особено затоа што биле во средина каде што повеќето луѓе се невакцинирани и вирусот продрел во нивниот имунолошки систем оборувајќи го. Да не заборавиме дека имунитетот од вакцината опаѓа веќе по три, а уште повеќе по шест месеци – вели тој.

Д-р Ѓикиќ изјави дека се надева дека македонската влада ќе ги сфати конструктивно критиките од експертите, како што тоа треба да го направи секоја друга влада во светот.

Тоа што сме сиромашна земја не е оправдување за лошото справување со кризата
Кога сме кај лошото менаџирање, за д-р Ѓикиќ нееднаквоста меѓу земјите, сиромаштијата и фактот што некои земји подоцна ги добија вакцините не се оправдување и не се главна причина за хаосот. Според него, сè е до довербата која граѓаните ја имаат во владата:

– Видете, во Данска во просек 400 луѓе умираат на милион луѓе. Во Македонија има околу 7.000 луѓе на целата популација. Но, никој не може да ме убеди дека тоа е до економската запуштеност. Многу источноевропски земји покажаа дека се меѓу најдобрите во справување. Во некои земји, луѓето не ја перцепираат власта како одговорна и свесна и тоа е тоа што придонесува да не ги почитуваат мерките, особено по првиот бран, бидејќи короната доаѓа во бранови.

Сепак, ни на Данците нема да им биде лесно. Тие ќе можат да се шетаат без маски дома, но ќе им се заканува опасноста да се заразат со коронавирусот од други земји или по шест месеци да се заразат пак кога имунитетот добиен од вакцината ќе опаѓа.

– Зависи во која земја. Ако ги прашате во Данска, тие ќе ви кажат, ние стигнавме до нашето светло во тунелот, се вакциниравме, ја зграбивме шансата. Но, никогаш не можеме да знаеме до каде сме поради тоа што пандемијата е глобален феномен. Кога би можеле да ги вакцинираме сите европски земји, барем до 50-60 отсто, вирусот еволуциски, природно би требало да го снема – смета д-р Ѓикиќ.

Според него, добрата вест е што имаме ретко ефикасни вакцини, но кога конечно ги имаме во рацете ние како да не сакаме да ги искористиме. Вакцината нè штити и до 11 пати од смрт, во проценти тоа е 110 отсто. Студиите покажуваат дека вакцината не е ризична: ризиците од вакцината се преку 1000 пати помали од ефектите од болеста, објаснува тој.

Политичарите ги слушаат експертите само кога им одговара
Значи, го имаме лекот, но не сакаме да го користиме. За да го користиме треба да се вклучат владите, политичарите … За жал, во многу земји политичарите не сакаат да ги слушаат советите на докторите.

– Ретко и ако ги слушаат и тоа го прават само кога им одговара. Тие нема да преземат одговорност за тоа што треба да го направат. Во многу земји во Источна Европа, политичарите често ги користеа корона-податоците кога им требаа, а кога податоците им кажуваа што критично треба да направат, тогаш тие ги криеја информациите. Тоа е разликата меѓу демократските и авторитарните општества. Дури и во Германија каде владата и институтот „Роберт Кох“ работеа синхроно од почетокот, кога не работеа синхроно, настанаа големите проблеми – рече Ѓикиќ.

Проблемите настануваат кога се кријат информации, а уште поголем проблем е кога медиумите спинуваат научни информации и тераат антиваксерски кампањи. За д-р Џикиќ степенот до кој медиумите заплашуваат е загрижувачки:

– Глобалните медиуми во почетокот на пандемијата даваа квалитетни информации и тоа важи за познати науници и авторитети кои соработуваа со медиумите. Секако, постојат и медиуми на кои им е поважно да имаат читаност и „бомбастични“ наслови. На пример, еве една одлична информација. Вакцините против ковид-19 штитат и до 90 отсто на почетокот, а до 60 отсто по шест месеци од вакцинирањето. Тоа е одлична научна информација. Но, сè зависи од тоа во кое светло ќе биде претставено. Се користат психологијата на стравот за да се шират дезинформациите. Неутралните информации се претставуваат во светло на стравот. За споредба, максимална заштита за вакцини со обичен грип е до 60 отсто, на пример – потенцира Ѓикиќ.

Делта-плус сојот ќе се шири зимава, најопасен ќе биде за ранливите групи
Заштитата од 90 отсто од вакцините е доволно оптимистична информација, но имајќи предвид дека новиот делта-плус сој е непозната во равенката ќе ја направи оваа зима уште потешка:

– Делта-плус мутацијата се шири 10-15 отсто побрзо од делта-сојот, нема никакви додатни симптоми по кои може да ја препознаете, а може да биде поопасна за оние кои имаат хронични болести и слаб имунитет. Делта-плус сојот има две додатни мутации во шилестиот протеин и затоа може полесно да продре во клетките. Не знаеме ни колку е отпорен на вакцините или кај оние кои имаат прележано друг тип на корона. Но, од сите досегашни информации вакцините би требало да се отпорни на новиот сој – смета Ѓикиќ.

Со ова темпо по четвртиот зимски, ќе следи петти бран
Тој не исклучува ни петти бран по зимскиот бран, а сè зависи од нашата дисциплина.

– Ако се придружуваме кон базичните мерки четвртиот бран ќе помине благо, ако не, тогаш сè е неизвесно и догодина можеме да имаме и петти бран. Ова важи и за вакцинираните. Тие треба да пазат, не мора да носат маски, но не смее целосно да се опуштат. Постојат нови варијанти. Еве на пример, најнеизвесно ќе биде во Британија. Таму има 40.000 новозаразени, а веќе голем број од луѓето се вакцинирани – потсетува Ѓикиќ.

Тестовите за антитела не кажуваат баш ништо
А, освен што прележаните брзо се опуштаат, некои од нив ги испитуваат своите антитела за да видат дали имаат имунитет и дали треба да се вакцинираат. Ваквите тестови не се воопшто релевантни и не можат да дадат слика за нашиот имунитет.

– Тоа е мода затоа што луѓето се неинформирани, тие тестови ги продаваат луѓе за 6 до 8 пати поскапо. Антителата можат да кажат само дали сте биле во контакт со вирусот и ништо повеќе. Многу често прототелата од обичен грип и други вируси се исти со тие што се борат со коронавирусот и затоа овие тестови не се релевантни – открива Ѓикиќ.

Нема „подобро“: И прележаното и вакцината не даваат траен имунитет
Што е подобро, да прележиме или да се вакцинираме?

– Луѓето кои го имаат прележано вирусот имаат меморија на прототелата која е повеќе од шест месеци споредено со вакцинираните кај кои се знае дека опаѓа по шест месеци. Вакцината дејствува акутно. Сепак, ако сте прележале асимптоматски, тогаш имате мал број на прототела, што значи не може да се каже што е подобро и никој во медицината во моментов не кажува дека едното е подобро од другото.

Вакцините може да се мешаат, Спутник е безбедна вакцина
Д-р Ѓикиќ досега примил две дози и тоа од различен производител. Тој примил прва доза „Астра Зенека“, но кога избија скандалите за оваа вакцина, настанал застој во Германија, па втората доза ја примил од „Фајзер“. Според него, мешањето на вакцини е дозволено, а тој веќе размислува за трета доза.

– За зимава размислувам дали да земам додатна бустинг доза. Кај постарите бустинг дозата ќе направи имунитетот да им скокне од 50 и до 80 отсто. Но, зошто не и ние младите да ја добиеме шансата – предлага Ѓикиќ.

Според него, нема ништо спорно ни во руската вакцина „Спутник“, а тоа што ЕУ и други земји не ја признаваат од други причини, нема врска со научните докази.

– На почетокот немаше податоци за Спутник. Но, на крајот резултатите на Спутник се многу слични со оние на АстраЗенека – недвосмислен е Ѓикиќ.

Задолжителната вакцина треба да е опција ако загусти
Зимата ќе донесе хаос во многу земји, па и кај нас во Македонија. Според Ѓикиќ, многу влади и без да им се каже ќе прибегнат кон задолжително вакцинација ако бројките скокнат, а тоа секогаш треба да биде опција.

– Тоа сигурно е опција, особено кога ќе загусти во зима. За ова се размислува и во поголемите демократски општества. Веќе се размислува за задолжителна вакцина за децата, на пример. Но, ова нема да биде конечно решение ако го направиме во само две-три земји. Тоа треба да се направи во сите земји одеднаш како заеднички став – поентира Ѓикиќ.