Продавачите на „Лице в лице“ се добредојдени во Центар

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска остварил средба со претставници на меѓународната мрежа на уличен печат „Лице в лице“. Од Општината информираат дека Богдановиќ ја мапирал првата зона „Лице в лице“ и активно се вклучил во продажба на списанието.

„Општина Центар е подготвена да поддржи активности за помош на сите ранливи категории. Како општина и јас како градоначалник осудуваме дискриминација од секаков вид, а особено на лицата што чесно и достоинствено заработуваат за живот“, изјавил Богдановиќ.

На средбата било договорено потпишување меморандум за соработка, а градоначалникот и советниците ќе се вклучат во промоција на концептот „Лице в лице“ заедно со продавачите. Од Центар соопштија дека во општината ќе се обележат сите кафулиња и угостителски објекти каде што се добредојдени продавачите.

„Во земјата бездомништвото расте, а празните живеалишта се множат. Затоа, беше посочено, неопходен е систем за социјално претприемаштво и инклузија. Општина Центар во рамките на своите ингеренции и можности ќе работи за интеграција на овие лица, ќе се користат најдобрите примери од Полска. Европската Унија е отворена за соработка и тоа треба да биде поздравено од институциите и поединци“, велат од Општината.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари