logo
logo
logo

Притворот на Камчев = Македонија прекрши 4 члена од Европската конвенција за заштита на човековите права

Vecer | 08.04.2021

Притворот на Камчев = Македонија прекрши 4 члена од Европската конвенција за заштита на човековите права

„Притворот не смее да биде замена за казна, судот во тек на постапката мора постојано, сериозно да ја преиспитува потребата за продолжување на мерката притвор и кога ќе се создадат услови за тоа, притворот да го замени со гаранција, куќен притвор или некоја друга соодветна мерка за обезбедување на присуство“, вели адвокатот Филип Медарски, искажувајќи го својот генерален став за мерката притвор, пишува Плусинфо.мк

Генерално, сите институции во државата се должни да постапуваат согласно стандардите, кои Судот за човекови права во Стразбур ги поставува во случајот „Ел Масри против Р. Македонија“ и во другите предмети кои се однесуваат на лишувањето од слобода, притворот и на забраната за тортура. Ова е став на адвокатот Филип Медарски, како адвокат на одбраната во случајот со Калид ел-Масри.

Случајот „Ел Масри“ постави битни стандарди за Македонија

 

Како што е познато, македонската полиција го уапси германскиот државјанин Ел Масри на граничен премин на 31 декември 2003 година и го држеше во нелегален притвор три недели. Потоа им бил предаден на агенти на ЦИА кои го префрлиле во Авганистан каде со месеци го испрашувале и го малтретирале во нехумани услови. Кога сфатиле дека држат погрешен човек, од ЦИА го вратиле Ел Масри во Европа и буквално го фрлиле на пат во Албанија. Во 2012 година, по тужба од Ел Масри, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Македонија прекршила неколку одредби од Европската конвенција за човекови права и ја задолжи земјата да му исплати отштета од 60.000 евра, што беше и сторено.

Порталот Инфомакс анализира како евентуално би постапил Европскиот суд за човекови права во случајот на апсењето и одлуката за притвор на бизнисменот Јордан Камчев, кому изречениот 30-дневен притвор му истекува наредната недела.

– Конкретниот случај на гн Камчев не би можел да го коментирам, бидејќи немам доволно сознанија за истиот, но во делот на притворот, најбитни вакви стандарди се дека притворот треба да се определува како крајна мерка, кога судот ќе се увери дека сите други превентивни мерки нема да имаат ефект, одлуката за притвор мора да биде детално образложена, судот мора да наведе конкретни причини зошто определува притвор и истите да ги поткрепи со релевантни докази. Притворот не смее да биде замена за казна, судот во тек на постапката мора постојано, сериозно да ја преиспитува потребата за продолжување на мерката притвор и кога ќе се создадат услови за тоа, притворот да го замени со гаранција, куќен притвор или некоја друга соодветна мерка за обезбедување на присуство. Во делот на издржување на мерката притвор, државата е должна да обезбеди адекватни услови, бидејќи доколку тоа не го стори, постои опасност Судот во Стразбург да оцени дека постои нечовечки или понижувачки третман или евентуално, тортура на притвореното лице – вели Медарски за Инфомакс.

Филип Медарски: Случајот на Камчев не го коментирам, но стандардите се јасни – мерката притвор мора да се замени штом ќе се создадат услови за тоа

 

Бизнисменот Камчев беше уапсен незаконито, а притворот му беше определен врз основа на информација на Агенцијата за национална безбедност, крунски доказ што на одбраната не ѝ бил достапен. Исто така, според изјава на премирот Зоран Заев на телевизија, информацијата на АНБ не е заснована на било какви мерки на следење на осомничениот, па останува нејасно на кој начин Агенцијата утврдила дека Камчев се подготвувач за бегство. Дополнително, Народниот правобранител, кој го посети Камчев во притворот, утврди и писмено извести дека во првите 10 дена осомничениот во затворот бил подложен на нехуман и деградирачки третман.

Гордан Калајџиев: Во случајот на Камчев, прекршена е Европската конвенција за човекови права

 

Професорот Гордан Калајџиев апсењето на Камчев го смета за незаконито, затоа што во процесот не биле консултирани ниту Јавното обвинителство ниту Судот.

– Апсењето е незаконито, затоа што не биле консултирани Јавното обвинителство и Судот, а имало време за тоа. Постапката за притвор е повредена и со тоа што одбраната не можела да ги оспорува информациите од белешката на АНБ, повреда на членот 5 од Европската конвенција за човекови права. Нехуманите услови во притвор се повреда на членот 3 од оваа конвенција – објаснува Калајџиев за Инфомакс.

Костадин Богданов: Стразбур е јасен – и класифицирана информација мора да се даде на увид, ако засега нечии права

 

Адвокатот Костадин Богданов се повикува на случајот „Љатифи против Македонија“, во кој лице се протерува од државата без соодветна постапка и само врз основа на белешка на УБК, со тоа ставајќи го животот на штитеник на државата во опасност.

– Ако се фокусирате во делот на белешката на АНБ, иако не сум запознаен во целост со околностите кај Орце Камчев, треба да се спореди со пресудата „Љатифи против Македонија“. Во тој случај се работи за давање на привремена заштита на азилант, но сличноста е во тоа што и во овие случаи УБК дава мислење или белешка за личноста дали треба да му се даде привремена заштита, но таа белешка не им се презентира на барателите на азил со оправдување дека е класифициранана. Во конкретниот случај, Европскиот суд за човекови права јасно одлучил дека без оглед што е класифицирана информација, треба да им се доставува на увид и одговор на барателите, бидејќи потенцијално може да задира во нивните права – вели Богданов за Инфомакс.

Иако овие случаи претставуваат правни преседани кои се задолжителни за македонското законодавство и за судовите, судијата на претходна постапка, обвинителот и полицијата не ги имале предвид овие правни стандарди и ги прекршиле членовите 3, 5, 8 и 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права, се заклучува во анализата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk