По јавната брутална тепачка во Струмица, која ја згрози македонската јавност, а за која опозицијата повика да се реагира, конечно се огласија и од надлежните.

Како што беше соопштено, од ОЈО Струмица е отворен предмет против 22 лица по пријава на СВР Струмица, сите учесници во тепачката од 18 март.

Од осомничените, 12 лица се пријавени за сторено кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382, а останатите десетмина за сторено кривично дело – Насилство од член 386 од Кривичниот законик.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица во континуитет презема дејствија за расчистување на настанот. Издадени се наредби за вештачење, за прибирање на медицинска документација и други материјални докази. Во насока на утврдување на фактите во предметот, ќе бидат сослушани осомничени и сведоци, односно повеќе лица кои можат да дадат податоци за настанот., информираат од Обвинителството.