logo
logo
logo

Претставена Методологијата за пописот

Vecer | 05.02.2021

Претставена Методологијата за пописот


Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски и заменик-директорот Илми Селмани информираа за Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, која има за цел обезбедување единствени принципи за организирање на попишувањето и единствена примена на методолошките основи при попишувањето.

Во обемната презентација, беа претставени основните карактеристики на Пописот, како најзначајна статистичка операција, спроведена согласно стандардите на Обединетите нации, правилата на Евростат и друга меѓународна и домашна регулатива.

Според директорот Симовски, комбинираниот метод на Попис, кој за прв пат ќе се применува кај нас, е сложена методологија, која обезбедува многу можности и која се базира на комбинација на податоци добиени на терен преку индивидуално попишување, со податоци од претпописната статистичка база на податоци која содржи податоци добиени од постоечки регистри поврзани со користење на Единствениот  матичен број на граѓанинот (ЕМБ).

„Предностите на користењето на комбинираниот метод на Пописот се: намалувањето на потребното време за прибирање на податоците, намалувањето на трошоците за пописната
операцијата, намалувањето на потребното време за обработка на податоците, конечните податоци од Пописот ќе ги имаме за пократок временски период, а истовремено ќе обезбедиме многу повисоко ниво на квалитет на податоци од Пописот“, оцени Симовски на денешната онлајн прес-конференција.

Комбинираниот метод применува претпописна база на расположливи, односно сублимат на  бази и податоци од министерствата за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација, образование и наука, труд и социјална политика,  агенциите за вработување, за катастар на недвижности, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и управите: за јавни приходи и за водење на матични книги и расположливите податоци во ДЗС од редовните статистички истражувања во поглед на образование, витална статистика, бизнис регистер и друго.

Новина при Пописот е Архитектурата на системот, кој се базира на комбинираниот методолошки пристап кој подразбира теренско попишување со користење на преносни компјутери од страна на попишувачите, поврзани на посебно развиена веб-апликација поставена на cloud (облак), наместо хартиени прашалници.

„Пописот 2021 е опсежна операција и најважно е што со него се прибираат географски, демографски, образовни, економски, миграциски, етно-културни и податоците поврзани со инвалидитет“, нагласи директорот Симовски, кој посочи дека сите важни информации поврзани со Методологијата на Пописот се наоѓаат на веб страната на ДЗС.

„Основните карактеристика на Пописот се тоа што се собираат податоци за најмалите територијални единици, податоци за дефинирана периодика од 10 години, карактеристика на лицата, односно индивидуално попишување, со почитување на универзалност и истовременост. Податоците се собираат за одреден момент, кој статистички се нарекува критичен момент и тоа е датумот 21 март и 1 април“, посочи директорот Симовски при што додаде дека единиците кои ќе бидат опфатени со Пописот се: лицата, домаќинствата и становите, односно живеалиштата.

Според Државниот завод за статистика, Пописот ќе обезбеди податоци за три категории на население и тоа:

-Вкупно резидентно население, кое го сочинуваат: лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија; лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија подолго од 12 месеци (една година), со одобрение за постојан или за привремен престој; лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на Пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив; лицата што имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а кои во времето на Пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на домаќинствата што привремено престојуваат во странство со наведените лица (независно од должината на престојот во странство по некој од наведените основи).

Тука, во оваа категорија спаѓаат и следните лица ако се континуирано присутни во земјата повеќе од 12 месеци: странците со признат статус на бегалец што ќе се најдат во Република Северна Македонија во времето на Пописот; странците со признато право на азил поради супсидијарна заштита, кои во времето на Пописот се нашле во Република Северна Македонија; странците со поднесено барање за признавање право на азил што се нашле во Република Северна Македонија во времето на Пописот; други лица што ќе се најдат на територијата на Република Северна Македонија во време на Пописот (а кои ги исполнуваат претходно дефинираните критериуми).

-Вкупно нерезидентно население го сочинуваат следните лица-единици на Попис, и тоа: лицата државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив; лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија до 12 месеци (помалку од една година), со одобрение за привремен престој.

-И вкупно попишано население, категорија која ги опфаќа претходните две категории население.

Единици кои не се попишуваат се: дипломатскиот персонал на странските дипломатско-конзуларни претставништва во Република Северна Македонија, како и членовите на нивните семејства; странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства, лоцирани во Република Северна Македонија, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои во моментот на Пописот престојуваат во Република Северна Македонија; странските државјани кои во времето на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија поради службен пат, приватна посета, годишен одмор, лекување, екскурзија, туристички и слични патувања; странските државјани што поради работа или школување дневно ја поминуваат државнaта граница.

Исто така со Пописот нема да се опфатат становите на дипломатско-конзуларните претставници на странски земји и становите во сопственост на други држави; – ненаселените (празните) станови кои се иселени поради нивно рушење; – празните станови во зградите во кои сѐ уште не е дозволено вселување; – објектите кои во целост се користат за сместување на земјоделски орудија и алати, земјоделски производи, огрев и сл., или се користат за преработка на земјоделски производи. – колективните станови во кои не живее ниту едно индивидуално домаќинство (домови и хотели за самци, домови за стари лица, студентски домови, манастирски конаци и сл.)
Во Пописот, за кој беше нагласено дека при сите процедури ќе бидат најстрого почитувани здравствените протоколи од Министерството за здравство, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести  освен Државниот завод за статистика, учествуваат и Советот за статистика, 150 државни инструктори, 500 реонски инспектори и 5.500 реонски попишувачи.

Директорот Симовски, објасни дека целиот процес на Попис ќе биде врз основа на дневно информирање за лица заразени од КОВИД-19 или пак кои се наоѓаат во задолжителна изолација и таа постапка ќе се оствари со посебни здравствени протоколи, кои се максимално безбедни за попишувачите и останатите граѓани.

Пред официјалниот почеток на Пописот од 1-15 март ќе биде остварено попишување на посебни категории лица и тоа: воениот персонал во странски и објекти во државата во рамки на Министерството за одбрана; како дел од Министерството за правда ќе се попишат казнено-поправните институции; лицата без документација со учество на Министерството за труд и социјална политика и со помош на Министерството за надворешни работи ќе се попишат нашите дипломатско-конзуларните претставништва во странство.
Самопопишување/саморегистрација на лицата државјани на Република Северна Македонија кои во периодот на спроведување на Пописот живеат /престојуваат во странство ќе се врши од 1 април до 21 април по пат на самопопишување преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на ДЗС, или според законските норми нив може да ги попишат лица кои добро ги познаваат и ги имаат сите потребни податоци за нив. При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци.

Одговарајќи на новинарски прашања директорот Симовски апелираше сите граѓани да земат учество во Пописот поради тоа што оваа сериозна операција ќе даде базична основа за подготвување на квалитетни политики за општествен и економски развој на државата, кои се од интерес за сите граѓани.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk