Препораки со сточарите, како да ги заштитат животните при ниски температури и врнежи од снег

Агенцијата за храна и ветеринарство упати низа препораки до сточарите, кои се однесуваат на заштита на животните при ниски температури и обилни врнежи од снег. Од Агенцијата појаснуваат дека и покрај тоа што повеќето видови животни релативно добро се справуваат со временските услови, треба да се земат в предвид нивните препораки, особено при екстремно ниски температури, кои се проследени со силен ветер и силни врнежи и наноси на снег.

Препораките ги пренесуваме интегрално:

1. Одгледувачите на животни за зимските месеци треба навремено да обезбедат вода и храна за животните во количини доволни за задоволување на потребите на сите животни на одгледувалиштето во траење од најмалку две недели,

2. Храната треба да е со соодветна хранлива вредност и соодветна на видот и категоријата на животни кои се чуваат на одгледувалиштето,

3. На животните не треба да им се дава смрзната храна,

4. Препорачливо е да се зголеми вообичаената дневна дажба на храна за животни која им се дава на животните, а особено кај гравидните животни за да можат да ја одржуваат својата телесна температура,

5. Животните не можат, а не треба своите потреби за вода да ги обезбедуваат преку лижење мраз или снег, затоа за истите треба да се обезбеди свежа вода за пиење, која е на соодветна температура. За таа цел препорачливо е одгледувачите (одгледувалишта со автоматски/статичен систем за напојување) навремено да се снабдат со доволен број на корита, кофи и слично за доколку има потреба да ги употребат за напојување на животните,

6. При појава на екстремно ниски температури проследени со силен ветер и снег животните треба да се држат затворени во објектите/шталите, или да им се обезбеди соодветно засолниште. Во овој случај треба да се внимава на хигиената во објектите, редовно да се чисти ѓубрето и да се заменува валканата простирка со нова.

7. Доколку не постои можност веднаш да се засолнат животните, привремено може да се употребат ќебиња или друг вид на прекривки за нив, во тој случај треба да се внимава прекривките во секое време да бидат суви.

8. Треба да се следи здравствената состојба на животните и истите почесто од вообичаено да се посетуваат и набљудуваат.

9. Животните кои даваат млеко треба да се измолзуваат редовно во вообичаените интервали,

10. Кругот во одгледувалиштето и пристапните патишта треба редовно да се чистат од снегот или мразот,

11. Помалите, младите категории и болните и повредени животни се категории на кои треба да се посвети посебно внимание.

12. Одгледувачите на животни треба да се во комуникација со нивниот ветеринар за дополнителен совет или доколку е потребно интервенции.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари