Во пресрет на локалните избори градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски, неговиот брат сопственик на фирмите „Аце Транс Компани“ и „ЛЕОМА ТРАНС“ како и уште тројца други и уште две фирми заработија кривични пријави за повеќе кривични дела.

Директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми на денешната прес конференција изјави дека Митевски во периодот од 2012 до 2018 година исплатил пари на 24 фиктивни фактури на фирми на негови блиски од кои две од фирмите се на неговиот брат за наводен транспорт на градежен шут. Со тоа, рече Муареми го оштетиле Буџетот на општината за повеќе од 500.000 евра.

За Митевски, кривичната пријава на три дена пред почетокот на предизборната кампања во која тој ќе се бори за нов четврти мандат за градоначалник на општина Петровец е  само обид на власта да се оцрни неговото име.

За вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски пак, нема дилема. Сеедно што кривичната пријава е поднесена пред кампањата, институциите не може да престанат да работат а правдата, вели тој, не може да чека.

Од матичната партија на Митевски велат дека Николовски организира политички прогон против кандидат за градоначалник на опозицијата

„Криминалниот режим повторно посегнува да креира предизборен притисок врз опозицијата и ја доведува во прашање кредибилноста на целиот изборен процес. Николовски злоупотребува ист предмет за кој што Јавното обвинителство за организиран криминал водено од Вилма Русковска уште во период 2017-2018 година го има истражено, и констатира дека нема криминал и за тој случај нема постапка.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што информираше Николовски до неговиот кабинет до сега се пристигнати повеќе од 300 поплаки на граѓаните меѓу кои има и такви за актуелни функционери. Муареми пак  призна дека до Финансиската полиција не стигнала ниту една од таквите претставки ниту пак управата добила било каква наредба од надлежна институција да истражува функционерите од власта од поднесените претставки до Владата.