ВОЗАЧОТ НА „ЕУРОБУС“ КАЖАЛ КАКО ДОШЛО ДО НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛЕСКОВАЦ

Пред автобусот одненадеж излетал автомобил - потоа автобусот изгубил контрола

Автобусот на струшката компанија „Еуробус", кој ноќеска по полноќ се преврте кај Лесковац, најверојатно пред да излета од коловозот се обидел да избегне возило кое доаѓало во негов правец, а условите на патот придонеле дополнително за фаталниот крај на патувањето. Коловозот бил лизгав, имало снежна бура.

„Немам точни информации што точно се случило, бидејќи не знам ништо. Колку што знаете вие толку знам и јас. Се слушнав со возачот кој ми кажа дека коловозот бил лизгав, некој автомобил одненадеж се појавил од напред и тој изгубил контрола, само толку ми кажа. Во контакт сме постојано со луѓето во Србија. Испративме друг автобус да ги преземе патниците, друго не знам", изјави денес Џитан Истрефи, сопственикот на „Еуробус".

Во автобусот се превезувале 35 паници. Најголемиот дел од нив во моментот на несреќата спиеле, јави РТС. На повредените први помош им пружиле вработени од „Путеви Србије" и возачи на други возила кои во моментот поминувале тука. Повредените се хоспитализирани во болницата во Лесковац.

Несреќата се случи во услови на снежно невреме, а истрагата треба да ги утврди причините за истата.

Попладнево е соопштено дека се идентификувани две од трите лица кои загинаа во автобуската несреќа кај Лесковац. МНР добило потврда дека станува збор за 68-годишен маж од село Бучин, Крушево, со иницијали В.Ш и 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К.

На двете лица, идентитетот им бил утврден од личните документи. Кај третата жртва не се пронајдени документи и се уште нема потврда на нејзиниот идентитет.

Несреќата се случи кога автобус на струшката компанија „Еуробус" кој патувал од Битола за Виена излетал од патот, ја пробил заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац. Во животна опасност се уште 4 лица кои се пренесени во болницата во Ниш. Полесно се повредени 23 лица.

„Кога се разбудив, слушнав врескање, видов луѓе со крвави глави и раце и слушнав како некои велат дека има загинати", рече млад човек од Битола, еден од патниците од македонскиот автобус.

Меѓу повредените патници има и бебе од година ипол и дете од девет години, за среќа тие не се повредени. Четири патници, кои беа тешко повредени, се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш, и се надвор од животна опасност, но нивната состојба и натаму се следи.

Патниците не знаат како се случила несреќата, бидејќи во тој момент сите спиеле. Патниците се претежно помлади луѓе, а некои од нив велат дека тргнале во Виена за да работат. Сите патници од превртениот автобус добиле топол оброк и се сместени во разни одделениа каде што има празни кревети за да одморат во очекување по нив да дојде автобус од Македонија.

Според директорот на општата болница во Лесковац, Небојша Димитријевиќ, сериозно повредените, се сместени во одделението за интензивна нега, а има и такви кои се на хирургија и ортопедија.

Ситуацијата беше навистина драматична. Aвтобусот беше превртен настрана. Јас со пожарникарите се качив на автобус. Во возилото имаше четири заглавени патници, а три беа без знаци за живот, изјави докторката Јелена Миленковиќ која заедно со нејзиниот тим први пристигнале на местото на трагедијата, јави Курир.рс.

Филипче и Рашковски во посета на повредените

Министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, како и претставник од Амбасадата на Македонија во Белград ќе ги посетат повредените во несреќата што се случи ноќеска кај Лесковац кога автобус на струшки „Еуробус" излета од патот.

Филипче и Рашковски ќе ги посетат повредените македонски државјани во болниците во Ниш и во Лесковац.

Поврзани

Најнови вести

Коментари