logo
logo
logo

Правда за д-р Бобан Вучевски - УТРЕ во 11.00 ПРЕСУДА за пожарот во модуларната болница во Тетово

Vecer | 04.06.2023

Правда за д-р Бобан Вучевски - УТРЕ во 11.00 ПРЕСУДА за пожарот во модуларната болница во Тетово

Во Основниот суд во Тетово минатата недела се одржаа завршните зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите кои се товарат за неколку кривична дела поврзани со пожарот во модуларната болница во септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе.

Пресудата е закажана за утре, понеделник, 05 јуни во 11.00 часот во Основниот суд во Тетово.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинуваат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.

По речиси час и половина образложување, судијата Јордан Велковски истакна дека заврши главната расправа и дека пресудата ќе ја соопшти на 5 јуни понеделник во 12 часот.

Претставникот на Обвинителството посочи дека со изведените докази и искажани сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според Обвинителството двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го исполниле. За обвинетиот доктор Бобан Вучевски, обвинителот посочи сведочења на роднини и рече дека дозволил присуство на роднини на пациентите.

Кон завршните зборови на Обвинителството се приклучија пет адвокати кои имаа полномоштво за застапување на семејствата на луѓето кои ги загубија животите во пожарот и повредните пациенти во модуларната болница. Тие во нивно име побараа од судот да ги насочи за надомест на штета и трошоци.

Адвокатот на правното лице Јавна здравствена установа Клиничка болница Тетово наведе дека за двете дела за кои се товари болницата преку сведочења се докажува спротивното. Тој ги предочи сведочењата на вработени во ЈЗУ Клиничка болница Тетово кои истакнале дека имало поставени противпожарни уреди и дека установата имала истакнато наредби и правилници околу постапување кон прописите за време на пандемија.

Адвокатот на обвинетиот Флорин Бесими во завршните зборови ги посочи сведочењата на вработени во болницата кои истакнале дека имало уреди за гасење пожар. Според него, од друга страна обвинетиот не бил овластен и немал обврска за поставување противпожарни уреди и не учествувал во примопредавање на модуларната болница.

И адвокатот на обвинетиот Артан Етеми побара ослободителна пресуда потенцирајќи дека обвинетите не се обвинуваат за предизвикување на пожар, туку за сосема друго кривично дело сторено од небрежност. Според адвокатот несвојствено е да се определува широк временски опсег на сторување на кривично иако поставените прашања до сведоците беа исклучиво за денот 8.9.2021, кога се случи пожарот.

Бранителот на обвинетиот доктор Бобан Вучевски посочи дека се приклучува на завршните зборови на претходните адвокати потенцирајќи дека Обвинителство не докажало кривично дело сторено надвор од здрав разум од страна на неговиот клиент. И за Вучевски побара ослободителна пресуда.

Повторно пред судот група граѓани пред почетокот на рочиштето преку мирен протест побараа ослободителна пресуда за докторот.

Сите обвинети се согласија со завршните зборови на своите адвокати.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинуваат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.

На социјалните мрежи се споделува повик за поддршка во понеделник на Др. Бобан Вучевски кој е неправедно обвинет.

Во понеделник очекуваме ослободителна пресуда за најхуманиот доктор што некогаш го имало Тетово!

Благодарност до сите граѓани кои секое рочиште преку мирен протест даваа Поддршка на Др. Бобан!

Но сега, во понеделник сме му најпотребни на единствениот доктор кој е достапен 24/7 да ги слушне нашите маки и да ни помогне!

Последна шанса да дојде секој кој досега не можел, не успеал, не сакал, се плашел.

Секој кому Др. Бобан му помогнал!

Во понеделник (05.06) во 11 часот сите треба да сме пред Основниот суд!

Правда за Др. Бобан Вучевски!

Се гледаме!, пишува во повикот на социјалните мрежи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk