logo
logo
logo

Потпишани 11 договори со косовската Влада

Vecer | 17.09.2021

Потпишани 11 договори со косовската Влада

Владата на Република Северна Македонија и Владата на Косово потпишаа 11 договори од билатералната соработка на заедничката меѓувладина седница што се одржа завчера во Скопје. Двајцата премиери Зоран Заев и Албин Курти искажаа високи оценки за односите меѓу двете земји на заедничката прес-конференција што се одржа по седницата.

– Со години наназад нашите држави развиваат одлични билатерални односи и успешна соработка водена од принципите на меѓусебна поддршка и почитување. Секое унапредување на односите меѓу соседите, носи стабилност и просперитет за целиот регион и токму затоа даваме целосна поддршка на дијалогот меѓу Србија и Косово воден од ЕУ и ќе поддржиме решение што е прифатливо за двете страни – изјави премиерот Заев.

– Трговската размена меѓу нашите земји се одвива слободно без царини, во согласност со договорот ЦЕФТА и Договорот за економска соработка – подвлече Заев.

Премиерот на Косово Албин Курти рече дека иднината на Косово и на целиот регион е во ЕУ. Тој истакна дека договорите потпишани меѓу двете влади не може да се прекршат со неучеството на Косово во иницијативата „Отворен Балкан“.

– Сакаме што повеќе соработка и договор и нивна имплементација од билатерален аспект, а средбата на двете влади е доказ за тоа. Гледаме кон иднината, а тоа е интеграција во Европската Унија. Ние ги поддржуваме сите регионални иницијативи што доаѓаат од ЕУ. Сите денешни договори не можат да се прекршат во имплементацијата и покрај разликите што може да ги имаме – рече Курти.

Во пакетот потпишани договори се: договорот за спојување на двата автопати и граничниот премин Блаце-Јанковиќ во рамките на изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце, договорот за физибилити-студија за патот Тетово – Призрен, договорот за воспоставување заеднички гранични премини, како и договорот за заеднички скијачки проект што ќе ја поврзува Брезовица со Попова Шапка, кој воедно е и дел од соработката во областа на туризмот.

Се предвидува и поддршка и соработка во меѓугранични проекти со поддршка на програмите ИПА на Европската Унија, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и во технолошкиот развој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk