logo
logo
logo

Потпишана заедничка изјава на активистки од Балканот против родово насилство на интернет

Vecer | 15.04.2021

Потпишана заедничка изјава на активистки од Балканот против родово насилство на интернет


Жените-активистки за човекови права од балканскиот регион, потпишаа заедничка изјава во која го адресираат проблемот за постоењето на „Телеграм групи“ во кои се вознемируваат жени во земјите на поранешна Југославија, кои и понатаму остануваат незаштитени од институциите на државите.

„Ние, жените-активистки за човекови права од балканскиот регион стоиме заеднички и солидарно со сите жени жртви на онлајн родово-заснованото насилство и бараме од надлежните институции да постапуваат согласно нивните овластувања за темелно и неодложно да го истражат случајот со групите на платформата Телеграм (како Балкан роом, Јавна Соба, Гевгелија Хаб, Српска соба, Смоква и други), да ги санкционираат сторителите и заштитат жртвите од понатамошна виктимизација“, стои во заедничката изјава.

Од таму потсетуваат дека на точно една година по појавата на ваква група на мрежата „Телеграм“ во Македонија, која како што сведочат се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите.

Од овие организации предочуваат и за нови случаи на ваква злоупотреба не само во државата, туку во целиот регион.

„И покрај тоа што администраторите и креаторите на две од овие групи се уапсени, сметаме дека тоа е само прв чекор во пристапот до правда кој мора да им биде обезбеден на сите жртви на овој тип на кривични дела. Институционалниот молк праќа порака дека насилството врз жените се толерира, дека не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Случаите во Македонија, Србија и Хрватска покажаа дека против мал број од сторителите се иницираат кривични постапки и дека оние малку сторители кои се гонат, се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, со што е оневозможена заштитата на полнолетните жртви“, напоменуваат од организациите.

Од таму додаваат дека е многу очигледен молкот на институциите кој како што велат дополнително го охрабрува фунцкионирањето и одржувањето на вакви групи во дигиталниот простор, а девојките и понатаму се соочуваат со опасност по личната безбедност и нарушено достоинство и здравје.

„За проблемот да почне да се решава, прво мора да се именува. Ова не е проблем на злоупотреба на лични податоци, па затоа и не може да се решава преку таков ограничен пристап. Ова е проблем на родово засновано насилство, со цел понижување, уценувње, замолчување и опресија на девојки и жени и доколку не се третира како таков, насилниците ќе успеат во својата цел. Овој случај е шанса на институциите од целиот регион да покажат дека се залагаат за женските права и заштитуваат од родово засновано насилство, фактички, а не само декларативно“, стои во заедничката изјава на овие организации.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk