Поранешен директор на охридската болница набавил неупотреблива опрема од 700.000 денари

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  злоупотреба на службена положба и овластување, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Љ.А.(61) од Охрид, поранешен директор на ЈЗУ „Општа болница“ Охрид. Тој се сомничи дека извршил набавка на медицинска опрема вредна над 700.000 денари која немала практична можност за употреба за ваков вид на здравствена установа.

„Пријавениот, казненото дело го сторил во периодот од октомври 2012 до јуни 2013 година, во својство на директор на ЈЗУ ‘Општа болница’ Охрид. Тој, со искористување на својата службена положба и овластување, без утврдена потреба повел иницијатива и дал налог да се спроведе постапка за јавна набавка на медицинска опрема и делови од медицинска опрема-две машини за миење и дезинфекција на инструменти за потребите на ЈЗУ Општа болница Охрид“, велат од МВР.

Директорот тоа го направил без претходно да има добиено такво барање од некое одделение од болницата за набавка на таква опрема и без целосна и конкретна спецификација за потреба од набавка на истата, и без да наведе дека тие се несоодветни машини кои немаат практична можност за употреба за ваков вид на здравствена установа.

Постапката за јавна набавка била спроведена сметано од 22.11.2012 година, а на 21.12.2012 година, пријавениот, во име на ЈЗУ„Општа болница“Охрид, склучил договор со фирмата „ЕВРО Тим“ ДООЕЛ Скопје со која ја реализирал набавката на спорните машини за миење и дезинфекција во висина од 703.394 денари, за кој износ Љ.А. го оштетитил буџетот на болницата.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари