Порака од шефот на дипломатијата на Луксембург: Локалните избори да бидат одраз на демократијата во земјата

Локалните избори на 15 октомври се многу важни за земјата. Тоа се први избори по парламентарните избори кои ОБСЕ ќе ги набљудува. Многу битно е тие да бидат соодветно организирани и да дадат резултат кој ќе биде одраз на демократијата во земјата, порача министерот за надворешни работи и за европски прашања на Големото војводство Луксембург, Жан Асалборн, на зедничката прес-конференција по средбата со неговиот домаќин Никола Димитров.

Тој нагласи дека по неколку тешки години во внатрешната политика во земјата се чувствуваат промени, за кои знаат и во Европа и тие се важни, вели, не само за нас туку и за целиот регион. Изрази убедување дека за демократија потребна е демократска промена за да демократијата остане ефикасна и остварлива, а новата Влада, смета дека ја има волјата и енергијата да воспостави и ја овозможи демократијата во оваа земја.

- Луксембург е на ваша страна и ќе биде и во иднина. Во 2005 година во Брисел кажавме Македонија ќе добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Од тогаш поминаа 12 години. Знаеме дека разговорите со Бугарија и начинот на кој најдовте решение со Бугарија е добар. Се надевам дека тоа ќе може да се постигне и со нашите пријатели во Грција. Ги поддржувам преговорите со вашата земја. Метју Нимиц е вешт преговарач и мислам и се надевам дека ќе има чувство да ги приближи двете земји во изнаоѓање решенија. Се надевам дека и за членството во ЕУ и во НАТО ќе се постигне напредок многу брзо, рече Аселборн.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, пак, истакна дека посетата на неговиот колега од Луксембург доаѓа во многу важен период за Македонија како во поглед на внатрешните реформи, така и во однос на нашата нова надворешна политика и посочи дека земјата ќе направи се за исчекор во однос на ЕУ и НАТО.

- Му ја претставив нашата позитивна приказна и го уверив дека ќе направиме се што можеме до крајот на оваа година да направиме доволно за да ја убедиме ЕК да ни даде чиста препорака и ќе направиме се што можеме да ги убедиме нашите соседи и нашите европски пријатели дека Македонија треба да почне пристапни преговори со ЕУ идната година. Зборувавме и за НАТО и за тоа колку позитивно влијание ќе има членството на РМ во Алијансата во однос на нашата стабилност и на стабилноста во регионот, рече Димитров.

Во однос на спорот за името, Димитров истакна дека не може да зборува за конкретен компромис бидејќи процесот беше во застој неколку години, а сега повторно ќе почне, но во еден контекст на градење довербата меѓу двете држави.

- Мојата порака за Атина е препознајте го овој момент. Добро ќе биде и за Грција доколку Република Македонија стане стабилна, нормална, просперитетна европска демократија во која што има владеењена правото и слобода на медиумите, рече Димитров.

Одлуката за отворање пристапни преговори во Брисел се носи едногласно, потсети Аселборн и изрази мислење дека познавајќи ги новата влада во Скопје и политичкиот момент во Грција решението за името не е невозможно.

- Им преостанува на Нимиц и двете земји да го решат тоа. Ако се исполни ова можно е да почнеме за две-три недели, вели Аселборн.
Шефот на дипломатијата на Луксембург вчера во рамки на неговата посета на Македонија оствари средби и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

СРЕДБА ИВАНОВ - Аселборн

Претседателот Ѓорге Иванов изрази задоволство од пријателските односи меѓу Република Македонија и Големото Војводство на Луксембург и ја посочи потребата од јакнење на севкупните билатерални односи и меѓусебната соработка. Во таа насока, македонскиот претседател ја потенцираше важноста од унапредување на политичкиот дијалог на високо ниво и искористување на потенцијалните можности за развој на економската соработка.

На средбата беа разменети мислења и информации во однос на македонските перспективи за членство во Европската Унија и НАТО. Претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната поддршка од Луксембруг, при што двајцата соговорници се согласија за неопходноста од динамизирање на евроатлантските процеси на Република Македонија и продолжување на политиката за натамошно проширување на ЕУ и НАТО. Претседателот Иванов и министерот Аселборн разменија мислења за состојбите во регионот и актуелните предизвици со кои се соочува Европа и Европската Унија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари