Популарната македонска музика ќе се стимулира со државни пари

Во наредните пет години, почнувајќи од 2014, популарната македонска музика, народна, забавна и музика за деца би се стимулирала со државни пари и преку конкурс што ќе го спроведува Македонската радио-телевизија

СО НОВИОТ ЗАКОН НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

Со новиот Закон на Министерството за култура на РМ, во наредните пет години, почнувајќи од 2014, популарната македонска музика би се стимулирала со државни пари и преку конкурс што ќе го спроведува Македонската радио-телевизија. Вчера нацрт-законот беше претставен на јавната дебата, а македонските автори и изведувачи ја поздравија иницијативата која според нив ќе го поттикне овој вид на македонско творештво.

"Во последната деценија има евидентен пад на продукцијата на македонската популарна, забавна и народна песна. Затоа, сметавме дека на македонската популарна музичка култура, на македонска забавна и народна музика и е неопходен и дополнителен стимул, со кој ќе се димензионира обемот на македонската продукција, а со тоа ќе се постигне и потребниот ефект на квалитетно творештво. Овој закон е одговор и на заложбите на новиот закон за медиумите, кој предвидува поголема застапеност на македонска музика и домашно творештво на програмите на радиодифузерите", истакна вчера министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска.
МРТ годишно ќе објавува четири конкурси за субвенционирање на 200 композиции во текот на една година и тоа 150 песни од забавната и од народната музика и 50 песни за деца.

Предложениот закон, ги распоредува композициите во осум категории. По десет композиции годишно ќе бидат финансирани од категориите Таленти, Поттикнување семејни вредности и Афирмирање на Република Македонија и нејзината историја, 15 песни од категоријата Афирмиран изведувач, 38 од категоријата Ѕвезди. Пари ќе добијат и 30 композиции од категорија Истакнат изведувач, 37 од категоријата Врвен изведувач и 50 композиции за деца. Највисок износ е за категоријата Ѕвезда за која се наменети 4.500 евра, од кои 3.000 за звучно снимање на песната и 1.500 за спот. Поддршката за детска песна е 400 евра, а за останатите категории е 3.000 евра. Право да конкурираат ќе имаат поединци и изведувачи со оригинална и неизведувана композиција, а вреднувањето ќе се врши со бодови. Изборот на композициите ќе се врши транспарентно, од комисија составена од еминентни автори на музика, аранжери, текстописци, продуценти и музички изведувачи.

Според генералниот директор на МРТ Марјан Цветкоски, донесувањето на законот е историски момент за овие дејности, а МРТ како јавен сервис има законска и морална должност да ги популаризира. Во таа насока МРТ ќе внесе и новитети, покрај специјализираните фестивали Скопскиот фестивал - за забавна музика и Цветници" - за народна, ќе има и програмски освежувања, шоуа со топ-листи на ТВ и на радио, бирање хит и фолк-хит, емисии за таленти... Тој очекува примерот на МРТ да го следат и другите радиодифузери.

По прифаќање од Владата, предложениот закон ќе се проследи во Собранието на РМ и по усвојувањето ќе почне да се применува од почетокот на идната година.


Поврзани

Најнови вести

Коментари