logo
logo
logo

ПОПИС 2021: Најмногу самопопишани во Швајцарија, помал интерес во Канада и Австралија

Vecer | 15.03.2021

ПОПИС 2021: Најмногу самопопишани во Швајцарија, помал интерес во Канада и Австралија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција информираше дека најмногу лица се самопопишале во Швајцарија, околу 16.000, а тоа е една четвртина од очекуваната бројка.

Потоа следуваат Германија со околу 10 илјади и Италија со шест илјади попишани лица. Послаби се резултатите во Канада и во Австралија.

Османи рече дека како одговорно Министерство преземаат дополнителни активности и повикуваме што поголем број да се охрабрат и одвојат неколку минути за овој процес.

Инаку, денеска успешно заврши попишувањето на нашите дипломати и членови на конзуларни претставништва, а попишувањето на дијаспората ќе трае до 22 април.

Османи не сакаше да дава оценки за успешност или неуспешност на самопопишувањето, бидејќи вели сега сме на половина од процесот, односно има уште 35 дена за попишување и повика на проактивност од целото општество, вклучувајќи ги и медиумите и невладините организации за информацијата за пописот да стигне до што повеќе припадници на дијаспората.

„Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правилно мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во странство, што е важно за да имаме основа за носење развојни политики врз прецизни податоци, кои ќе бидат од директно значење за нашата дијаспора“, изјави Османи.

Тој додаде дека активно се работи на промоција и дисеминација на овој процес, а работната група на МНР е во постојано заседавање и ја следи работата на ДКП и телефонските линии се постојано отворени и се користат активно.

„Нашите амбасади и конзуларни претставништва интензивно работат со здруженијата на граѓани, асоцијации и верски здруженија. Целата мрежа е ставена во фокусот на овој процес, како нивни прв приоритет“, изјави Османи.

Одговарајќи на новинарски прашања околу евентуалниот бојкот од дијаспората, тој рече дека нема информација ниту од ДКП-ата, ниту од личните контакти дека некој активно бојкотира или активно дава отпор за попишување, но не може тоа да го исклучи, бидејќи не можат сите лично да ги контактираат за да го знаат нивното мислење.

„Најважно е да стигне информацијата до сите нив, зашто не сите ја знаат информацијата и важноста за сите. За првпат ќе имаме точни бројки за нашите граѓани во светот и ќе можеме да ги димензионираме услугите и да направиме политики за да го поттикнеме нивното враќање назад, односно да го спречиме нивното заминување од земјава“, изјави Османи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk