logo
logo
logo

Милошоски

„Подобро Виктор Димовски да го пратат во Москва амбасадор, отколку во Париз каде што нема да му веруваат“

Vecer | 25.11.2022

„Подобро Виктор Димовски да го пратат во Москва амбасадор, отколку во Париз каде што нема да му веруваат“

После ваков скандал, вас не може да ви верува ниту Франција ниту Италија, Германија, ниту било која земја членка на НАТО дека вие сте кредибилен како разузнавач или дипломат. Испраќањето на ваков човек во Париз ќе ги ограничи информациите кои официјален Париз ќе ги споделува со македонскиот амбасадор, тие нема да го гледаат со доверба, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во „Заспиј ако можеш“ на Алфа во врска со скандалот со Онишченко и испраќањето на Виктор Димовски во Париз како амбасадор.

Милошоски потенцира дека ако владата или Заев претходно му ветиле на Виктор Димовски дека ќе биде амбасадор, со ваков скандал подобро нека го испратат во Москва или Белград, таму ќе биде подобредојден, затоа што во Париз, Берлин, Брисел или Рим нема да споделуваат сензитивни информации со човек кој дал позитивно мислење за државјанството на Онишченко.

Според Милошоски сега зависи се од Пендаровски бидејќи тој кажа дека кај него реагирале Американците како може да се случи овој случај и ако сериозно ги сфатил може и да каже дека нема да стави потпис за упатување на Димовски во Париз. Милошоски исто така вели дека власта можеби и очекувала дека овој скандал нема да се дознае.

- Бидејќи АНБ нема раководител за внатрешна контрола, овој скандал доколку не беше откриен од јавноста и не беше дополнително институционализиран ќе си поминеше без никој да знае. Веројатно така и очекувале, и претходниот премиер кој сигурно бил запознаен за барањето на Онишченко за пасош и на сегашниот премиер кој морал да биде запознаен бидејќи претседавал со таа седница на која му дале пасош и државјанство тие очекувале дека ова нема да биде тема.  Веројатно некој важен фактор им има укажано дека ова не е смешка, изјави Милошоски.

За случајот со украинскиот и руски граѓанин Олександар Онишченко, човекот кој е на црната листа на САД, Владата пред два дена одлучи да му го одземе македонското државјанство. Онишченко вели дека македонскиот пасош го добил со легални документи. МВР и АНБ се надлежните државни институции кои во ваков случај препорачуваат или не македонски пасоши за странци. Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека за 20 дена АНБ ќе има нов директор, меѓутоа не кажа дали смената на директорот на АНБ е поради неговиот нов ангажман – амбасадор на Македонија во Франција или поради одговорност за скандалот.

https://youtu.be/S_viH1EuNe4

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk