Духовна академија по повод 50-годишнината од автокефалноста на МПЦ

Под црковна грижа нашиот народ го зачувал и јазикот, и името и душата, се зачувал себеси!

Ништо наше не траело толку долго и не било толку плодоносно и спасоносно како Охридската архиепископија. Израсната врз проповедта на Светиот Апостол Павле, надградена врз темелите на Јустинијана Прима, утврдена врз мисијата на светите браќа Методиј и Кирил и врз просветното и пастирско дело на Светите Климент и Наум. Цели осум столетија од времето на Цар Самоил, па и по забранувањето на нејзината дејност, била и останала единствен чувар и бранител на нашиот народ и пред Бога и пред туѓинските владенија и влијанија.

Оваа порака ја испрати Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на свечената Духовна академија одржана вечерва во катедралната црква „Света Софија" во Охрид по повод 50-годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија во името на Македонската православна црква.

- Под нејзина грижа нашиот народ го зачувал и јазикот, и името и душата, се зачувал себеси. И во неа ја имал сета надеж дека ќе воскреснеме во нова слобода. И даде Бог, иако на дел на македонската земја. А нашата Охридска архиепископија е најдобар сведок дека без народна тешко се стекнува и уште потешко се чува духовната слобода, рече меѓу другото архиепископот Стефан, петтиот по ред поглавар на МПЦ – ОА.

Зборувајќи за денешницата и црковните прилики на Балканот, на што се слични и состојбите низ целото православие, тој забележа дека сите сме станале заробеници на форми и празни дефиниции, на политики, суети, на историски предности и некакви права на национални желби и посакувања.

- Многу цркви и народи беа и се жртви на тој неевангелски однос. А ние во овие 50-тина години црковно опостојување, а особено од незаконитото укинување на ОА во 1767 година прочувствувавме и ги чувствуваме последиците од немањето љубов... Што се ние не преживеавме и доживуваме од некои наши соседи, од присвојувања, омаловажувања, провокации, закани, одземање на права до желби да не постоиме и да не нема, рече г.г. Стефан.

Тој истакна дека македонскиот народ ништо не бара повеќе од своја црква, автокефална, која нема да биде зависна, ни од овој ни од оној центар, која ќе биде како што и била - рамноправна со сите други.

- Не заради некоја надмена потреба туку затоа што единствено на тој начин може да се спречат сите несакани влијанија, сета омраза, сета нечија потреба да присвојува и освојува. Впрочем го бараме тоа што сме го имале и пред нив, и на она што и ние имаме право како православен народ, и според каноните и според практиката на православната црква, рече Архиепископот Стефан, нагласувајќи дека само на тој начин најдобро ќе го изразиме заедништвото и да ја потврдиме Христовата порака дека меѓусебната љубов е најпрепознатливиот белег на единството и оти необременети од земното ќе можеме да го направиме и тоа за кое постои црквата – спасението на луѓето.

Тој уште нагласи дека македонскиот народ и неговата црква и по верувањето, и по служењето и по живеењето не остапувааат и се дел од православието.

- Сакаме да учествуваме со сите, давајќи ги своите сили во прилог на сведочењето на Христа пред целиот свет и да бидеме дел од одговорот на современите предизвици кои го обременуваат денешниот човек, рече меѓудругото г.г. Стефан.

Дел од своето обраќање тој посвети на сето она што МПЦ во овие изминати пет децении од возобновувањето го има сторено во слава на Бога, од изградбата на храмови во земјата и целиот свет за своите верници, грижејќи се за старите цркви, возобновување на монаштвото, образување на квалитетни кадри школувани тука и во странски академии, неколку изданија на Светото писмо и целосен превод на богослубената литература, превод на дела на странски автори потоа дела на наши автори и црковни дејци...

- Овие 50 години самостоен и полн црковен живот, треба да ни бидат доволен патоказ како да ги надминеме слабостите и како да се соочиме со идните предизвици. Бог во својата промисла сите не поставил на некое место и ни дал улога, па да се трудиме таа чест да ја носиме достоинствено. Тоа е призив за сите нас и за свештено служителите и за народот, сите да се трудима за нас, нашата црква и за слава на Бога. Тоа најдобро ќе го направиме преку лично поправање во духот на христовото слово, преку своето зацврстување во верата и особено во љубовта, истакна поглаварот г.г. Стефан.

За утре од девет часот во „Света Софија" по повод празникот „Собор на сите македонски светители" во „Света Софија" ќе се служи Света архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на останатите членови на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА.

Одуката за прогласување автокефалност на МПЦ Светиот синод ја донесе на третиот црковно-народен собор и свечената седница одржана на 17 јули 1967 година во црквата „Св. Климент Охридски" во Охрид. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на МПЦ беше извршен со Светата архијерејска литургија одржана два дена подоцна во денешната црква „Св. Богородица Перивлепта" во Охрид.

Поврзани

Најнови вести

Коментари