Почната е постапката за дислокација на галиите

За мене како градоначалник безбедноста е приоритет. Она што ќе биде најбезбедно за граѓаните ќе биде донесено како одлука и решение, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање во врска со дислокацијата на галиите од реката Вардар.
Во контекст на тоа, додаде дека оваа есен и зима само по два дена дожд реката Вардар се излеа од коритото.

Појасни дека е започната постапка за дислокацијата и оти се испитуваат сите законски можности.

- Кога ќе созрее состојбата да можат да бидат донесени правни акти во тој момент ќе бидат донесени тие решенија и понатаму ќе се постапува согласно нив, рече Шилегов.

Не е умесно, истакна тој, кога сте влезени во постапка да ја коментирате самата постапка, бидејќи „може да се случи во правна смисла да има документација која потоа ќе ја негира мојата изјава".

- Затоа да почекаме да ги видиме сите правни постапки и процедури и понатаму ќе продолжиме благовремено. Јас сум тој кој го иницираше овој проблем и јас сум тој што инсистира овој проблем да се реши, рече скопскиот градоначалник.

На прашање дали има намера да купува ново возило, Шилегов одговори дека нема намера и оти нема потреба Градот Скопје од посебно возило за градоначалникот.

- Со возниот парк со којшто располагаме соодветно може да биде задоволена потребата на сите вработени, додаде тој.

Во врска со реконструкцијата на Универзалната сала, Шилегов истакна дека во соработка со Министерството за култура прават обид да го рестартираaт проектот за реконструкција на Универзална сала.

- За жал заради лошата материјална состојба и во Министерството за култура и во Градот Скопје заради плаќањето на долговите од Скопје 2014 не сме во можност за тоа во буџетската 2018 година. Со министерот сме во координација за во буџетската 2019 година да одвоиме средства за реконструкција на Универзалната сала во Скопје, истакна градоначалникот Шилегов денеска по симболичното пуштање на автобуската постојка во ГТЦ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари