По случајот со силуваното девојче, директорот на „25 мај“ поднесе оставка

Директорот на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение „25 мај“, Стевчо Соколовски денеска поднесе оставка од морални причини. Министерството за труд и социјална политика продолжува да го испитува случајот. Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на Р.И. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето.

„Очекуваме МВР и ОЈО да преземат мерки согласно со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва.  Во оваа прилика би сакале да потенцираме дека преку случајот на Р.И. се покажуваат аномалиите на разрушениот систем на социјална заштита, особено кога станува збор за деца во специфичен ризик. Евидентна е потребата од подобра координација меѓу сите институции и воспоставување систем кој вистински ќе ги заштити децата од социјален ризик’, велат од МТСП.

Во таа насока, Министерството за труд и социјална вели дека интензивно работи на процесот на деинституционализација. Според нив до средината на 2018 година, ќе започне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови. Оваа реформа ќе овозможи индивидуален пристап кон секое дете, подобра грижа и значително намалување на ризикот од вакви несакани настани.

К. Л.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари