logo
logo
logo

По десет дена, КОЈ ШТО ПРЕЗЕМА ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО

Vecer | 18.09.2021

По десет дена, КОЈ ШТО ПРЕЗЕМА ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО

Во изминатите десетина дена од трагичниот пожар во болницата во Тетово, во кој загинаа 15 лица, се фрлени повеќе „политички бомби“ за да го одвлечат вниманието на јавноста, но и покрај тоа граѓаните бараат да ги дознаат причините за пожарот, како и морана и политичка одговорност.

Деновиве на граѓаните им беше фрлен „експлозивен нон-пејпер“, вчера нови „аудио бомби“ од тие со кои актуелната власт се служеше како опозиција, фрлени беа и други гафови за одвлекување на вниманието од трагедијата, но вчера жестокиот протест во Тетово потстети дека јавноста не ја заборава трагедијата.

Вчера и германските експерти во еден ден ја завршија истрагата, понесоа материјали кои ќе бидат вештачени во лабораториите за откривање на причините за пожарот во болницата. Но, „истрагата“ за политичката и моралната одговорноста е спласната. А власта упорно тврди дека таа не се меша во истрагата.

Истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера почнаа со првично разгледување на документација за модуларната болница во Тетово добиена од Бирото за јавни набавки и од Министерството за труд и социјална политика.

Власта, од своја страна, порача дека воопшто не се меша во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, нагласувајќи дека очекува брза и успешна истрага за целиот случај.

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска вчера информира дека истражителите почнале со разгледување на документацијата, но нагласи дека засега нема никакви поконкретни сознанија.

Таа потенцира дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е надлежно само во делот на јавната набавка и само ќе се проверува дали се испочитувани процедурите.

– Само тоа е наша надлежност, друго не, потенцира Русковска.

Таа повтори дека ЈО нема информации кој направил технички прием на болницата, додавајќи дека ја добиле техничката спецификација на англиски јазик и веднаш ја испратиле во Обвинителството во Тетово за да можат со неа да се запознаат експертите од Германија.

Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека власта воопшто не се меша во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово.

– Да сакаше да се меша, немаше да повика германски истражители од највисок ранг, кои што треба да ги испитаат сите околности, изјави Маричиќ, посочувајќи дека сите институции им се ставени на располагање на германските истражители за да помогнат во истрагата.

Тој нагласи дека сите документи се предадени на надлежните институции и се обезбедени сите предуслови за брза и успешна истрага.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, вчера повтори дека не бега од одговорност за целиот случај. Тој нагласи дека модуларната болница била пуштена во употреба откако надлежните потврдиле дека се проверени сите инсталации, струјата, канализацијата и дали персоналот се однесува согласно упатствата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk