logo
logo
logo

Плусинфо открива дека Заев се обидува да го урне Ковачевски

Vecer | 30.12.2022

Плусинфо открива дека Заев се обидува да го урне Ковачевски

Можна ли е широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и брзи парламентарни избори напролет? Според пишувањата на Плусинфо, ваков е планот кој наводно го договориле екс-премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Ваквиот план не бил прифатлив за актуелниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, па, како што се додава во текстот, Заев му подготвувал соборување на Ковачевски од партискиот трон. Тоа би било возможно преку пратеници од редовите на социјалдемократите блиски до Заев, кои ќе откажат поддршка на раководството на партијата. Плусинфо ексклузивно открива што се случувало на состанокот во седиштето на СДСМ на 21 декември, на кој Зоран Заев и Венко Филипче дошле со намера да се пресметаат со Димитар Ковачевски, а си заминале со течење од ногавици. Следната рунда на овој меч се очекува на првата наредна седница на Централниот одбор на партијата, после празниците. Денеска, одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски кажа дека изминатиов период немал контакти со Заев. Сепак, тој повтори дека партијата настојува да се одржат предвремени избори. Мицкоски очекува кон крајот на јануари да и се изгласа недоверба на Владата, а во гласањето би се приклучиле и охрабрени пратеници од владејачкото мнозинство. За евентуалната широка коалиција, Мицкоски одговори:
„Граѓаните ќе одлучат понатаму каква ќе биде идната Влада. Можеби ВМРО-ДПМНЕ нема да ги добие изборите, можеби СДСМ ќе ги добие, можеби ДУИ ќе ги добие или некој трет, небитно, можеби четрт… Да видиме прво, да излеземе на тие избори, на 14-ти или 21-ви мај, еве како дати јас ги кажувам и потоа можеме за повеќе детали“, вели Мицкоски.
Во т.н. план на Заев и Мицкоски, во наредната Влада ќе нема место за ДУИ. Според објавениот текст, екс-премиерот, презентирајќи ги деталите пред Ковачевски и останати сопартијци кажал дека на Албанците треба да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ на Али Ахмети. Прашан за учество на ДУИ во идна Влада, Мицкоски денеска повтори дека партијата на Ахмети треба да замине во опозиција.
„Ако мене ме прашувате дали е време ДУИ да оди во опозиција, одговорот е „да“, време е после 20 години ДУИ да замине во опозиција. Добро би било, здраво би било да поминат еден мандат од четири години во опозиција за да видат како е од таа страна. Нели? Нели? Нели? Се согласувате така?“, додава Мицкоски.
Според планот кој го објави медиумот доколку СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички формираат Влада, премиерот би бил од таборот со повеќе освоени гласови. Во случај тоа да е СДСМ, социјалдемократите би поддржале кандидат за претседател на државата кој доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ. Овој план, Заев го претставил на состанок во седиштето на партијата на кој присуствувале најголем дел од врвот на партијата. Според медиумот, каква насока ќе одбере партијата и какви ќе бидат наредните чекори на Ковачевски ќе се знае по првата наредна седница на Централниот одбор на партијата, која се очекува да се одржи во јануари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk