„Пивара Скопје“ потврди дека неколку нејзини вработени се затруле со храна во мензата

„Пивара Скопје“ се одѕва по објавата дека неколку вработени во скопска фабрика за пиво и сокови денеска се затруле со храна од мензата. Од пиварата велат дека се работи за нивен персонал кој се пожалил на стомачни тегоби. Преку соопштение тие уверуваат дека ја следат континуирано состојбата на вработените и се надеваат оти тие наскоро ќе бидат добро.

„Веднаш по појавата на првите симптоми, Пивара Скопје и надворешниот добавувач на угостителски услуги, во соработка со надлежните државни институции – Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, ги презедоа сите неопходни чекори и проверки за да се откријат можните причини и да се изолира ваквата појава. Повеќе информации би биле во можност да споделиме откако ќе ги добиеме резултатите од надлежните институции“, се вели во соопштението на „Пивара Скопје“.

Компанијата додава дека вработените добиваат редовен оброк подготвен и дистрибуиран од страна на надворешен добавувач, а безбедноста и здравјето на нивниот персонал за нив е највисок приоритет.

Претходно, Агенцијата за храна и ветеринарство преку соопштение укажа на проблемот со труењето, по извршената вонредна инспекциска контрола во мензата. Од Агенцијата информираа дека ќе бидат земени мостри од храната што се подготвувала и послужувала како оброк за вработените, како и брисеви од работните површини и од вработените во мензата.

Причините за труењето ќе бидат утврдени со лабораториско испитување на земените мостри храна и брисевите, а резултатите од анализите ќе бидат познати за неколку дена.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари