logo
logo
logo

Не сме од вчера

Писма од Даме Груев, Гологанов...: ЗА МАКЕДОНИЈА, АВТОНОМНА И ЦЕЛА

Vecer | 11.04.2021

Писма од Даме Груев, Гологанов...: ЗА МАКЕДОНИЈА, АВТОНОМНА И ЦЕЛА

Академик Блаже Ристовски во неговата книга “Историја на македонската нација” објавува дотогаш малку познати детали од македонската историја и процесот на создавање современа македонска држава.

Објавени се и дотогаш необјавувани факти и докумнети во пошироката јавност.  Фрагменти од сослушувањето на Даме Груев во Софија, извадоци од писмата на егзархискиот митрополит во Скопје Теодосија Гологанов пишувани околу 1890-та, ставови, мисли и записи од Гоце Делчев како “Бугарија да не ни се меша во работата”, бројни научни и медиумски одгласи од странство околу признавањето на Македонија во крајот на 19-тиот век и почетокот на дваесеттиот век, за првата докторска дисертација за македонскиот јазик во 1890 година, писма на војводата Блаже Биринчето и многу факти и детали за бугарската, српската и грчката пропаганда во Македонија во тој период.

Во книгата се говори и за конкретни документи од револуционерните организации како “Планот за основање на револуционерната организација” што го најавиле уште во јули 1892 година при средбата во Софија К. Шахов, Г. Делчев и И. Хаџиниколов.

Потоа, за развитокот на македонската национална мисла во Белград и за ученичкото друштво “Вардар” и тоа преку записи лично од Крсте Петков Мисирков. Има интересни делови и од периодот меѓу двете Светски војни, и тоа како на 11 јануари 1934 година Политичкиот секретаријат на Извршниот комитет на Коминтерната донесе решение за признавање на македонската нација и на македонскиот јазик како посебни во словенскиот и балканскиот свет, односно првото официјално меѓународно признание на македонскиот национален ентитет.

Книгата “Историја на македонската нација” е дел од Избрани дела од академик Блаже Ристовски објавени од издавачот “Матица”.

Не држеа 15 дена во полициска станица

Дојдоа апсења, ме уапсија мене и Никола Наумов поради соучество во социјалистичката група. Имено, поддржувавме вечерно училиште во Софија, и тоа беше соучеството за кое што не обвинија. Не држеа 15 дена затворени во полициска станица, не испитуваа и не пуштија. Дружбата ни се растури поради тоа, и јас и Наумов, за да не не земат во војската, неколку дена по ослободувањето, избегавме во Македонија. И двајцата бевме исклучени од Вишото училиште додека бевме во затворот. Јас заминав за Битола…”, пишува во писмо од околу 1890 година, Даме Груев.

“Ние Македонците” – 22 јуни 1891 година

Во второто свое писмо од 22 јуни 1891 година митрополитот Теодосија му пишува на Дионисија дека ние Македонците немаме толку мака од Турците, да ни е жив Падишахот, отколку од Грците, Бугарите и Србите, кои, како орли на мрша, се впуштија во оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат”. Затоа, вели: Јас тргнав да ја обновувам Охридската архиепископија и враќање назад нема”.

Гоце Делчев: Македонија цела

“Нашата задача треба да биде да ја спасиме Македонија цела, а тоа може да стане само преку автономна Македонија”, дел од “Планот за основање на револуционерната организација” што го најавиле уште во јули 1892 година при средбата во Софија К. Шахов, Г. Делчев и И. Хаџиниколов.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk