СИНОДОТ НА МПЦ ОДЛУЧИ:

ПИМЕН ВО ЕВРОПА, МЕТОДИЈ ВО АМЕРИКА, ГОРАЗД ВО ПЕНЗИЈА

КЛИМЕНТ, ТРЕТИОТ ОД ГЕНЕРАЦИЈАТА НОВИ АРХИЈЕРЕИ НА МПЦ, ИЗБРА ДА ОСТАНЕ ВО МАНАСТИРОТ ВО ЗРЗЕ, А НОВИ ЧЛЕНОВИ НА СИНОДОТ НАЈВЕРОЈАТНО ЌЕ СТАНАТ И АРХИМАНДРИТИТЕ ИЛАРИОН И ПАРТЕНИЈ

Епископот Велички Методиј Златанов како администратор заминува во Американско-канадската епархија, а Полјанскиот епископ Пимен како администратор во Европската. Досегашниот митрополит Европски Горазд заминува во пензија, но му останува титулата "почесен митрополит европски". Овие одлуки вчера ги донесе Светиот архијерејски Синод на МПЦ во полн состав. Третиот од генерацијата нови архијереи, Хераклејскиот епископ Климент останува во прилепскиот манастир во Зрзе. Тој не прифатил да раководи ниту една од понудените епархии. - Методиј и Пимен се избрани за администратори. Неколку месеци ќе ја имаат оваа титула, а подоцна, до крајот на годината, ќе бидат хиротонисани за митрополити на овие епархии, изјави портпаролот на САС на МПЦ, владиката Тимотеј. И покрај најавите за жестока расправа, владиците велат дека вчерашната седница поминала конструктивно. И Пимен и Методиј се задоволни од епархиите што ги добиле. - Можеби епархиите во Македонија се попривлечни, но ние сме клирици на МПЦ и можеме многу да и помогнеме на МПЦ и со раководењето на овие епархии, вели епископот Методиј. Г. Пимен, кој е на постдипломски студии во Париз, вели дека добил одговорна задача. - Оваа Епархија можеби е и многу клучна за Македонија, бидејќи ќе има постојан владика кој ќе ја шири вистината за Македонија, изјави новоназначениот европски администратор на МПЦ. На вчерашната седница е разговарано и за избор на уште двајца нови епископи, Иларион и Партениј. Првиот веќе дал согласност да биде избран за архиереј на МПЦ, а вториот сака малку да размисли. "Вечер" дознава дека Иларион, по изборот за архијереј, ќе ја добие Брегалничката епархија, а сегашниот митрополит Брегалнички, Агатангел ќе замине во Повардарската. Администратор на Австралиско-новозеландската епархија и понатаму останува владиката Петар. (М.Н.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари