Работиме на слободен пазар како приватни компании по сите законски прописи и по највисоки етички стандарди и не користиме никакви посебни услови надвор од оние кои на сите компании од оваа дејност им се даваат на располагање и им следуваат по закон, а Ковачевски уште пред да стане заменик-министер излезе од сопственичката структура, реагираат од двете компании по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ и бараат извинување.

Најостро го осудуваме секој обид за дискредитација и обид за нашата групација да се доведе во корелација со каква било политичка структура, реагираат од фирмите „Пиксел груп“ и „КМГ ЕОЛ квазар“ по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека овие две фирми во чија сопственост се јавува кумот на премиерот Димитар Ковачевски, Горанчо Паунов, добивале државни тендери.

Во заедничко соопштение оттаму бараат извинување откако два дена по ред пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ излегува со обвинувања.

Бараме извинување од оние кои пласираат вакви неточни тврдења, во спротивно не ги преземеме сите правни средства кои ни стојат на располагање за заштита на угледот на двете компании. Како и досега, стоиме транспарентно во објавување на секој податок и информација што е во интерес на јавноста и на нашата држава“ велат од двете фирми во заедничко соопштение.

Во „Пиксел груп“, која постои од 2018 година, како дел од сопственичката структура се јавуваше и премиерот Ковачевски, но уште пред да стане заменик-министер за финансии, наведуваат од компаниите, тој се повлекол.

Ние работиме на слободен пазар како приватни компании по сите законски прописи и по највисоки етички стандарди и не користиме никакви посебни услови, надвор од оние кои на сите компании од оваа дејност им се даваат на располагање и им следуваат по закон. Уште пред назначувањето на Димитар Ковачевски за заменик-министер за финансии, објавивме дека Димитар Ковачевски, како косопстевник во ’Пиксел груп‘ истапува од сопственичката структура на компанијата бидејќи тоа е неспојливо со неговиот политички ангажман.

Затоа, уште еднаш потенцираме дека е за секаква осуда, нашите компании да бидат жртва на нечии потреби за дневен политички рејтинг и бараме да не се користи името и на ’Пиксел груп‘ и на ’КМГ ЕОЛ квазар‘ за политички маркетинг“ велат од компаниите.

Во однос на „КМГ ЕОЛ квазар“, пак, во заедничкото соопштение потсетуваат дека постојат од 2007 година и, како што велат, фирмата е пионер во областа на фотоволтаичните системи и енергетската ефикасност односно сите први проекти во областа на фотоволтаичната технологија и енергетска ефикасност се поврзани со оваа компанија и тоа во период кога политичката елита која денеска држи пресови за нив беше на власт.

Во моментов вработува повеќе од 70 вработени и неколку фирми подизведувачи и има вкупна реализација за период 2010-2021 година од 1 291 668 742 денари или околу 21 002 744 евра. За тој период, компанијата има исплатено придонеси и даноци за плати кон државата во износ од 23 284 533 денари.

Како резултат на доброто работење и визијата на оваа компанија се роди идејата за основање на ’Пиксел груп‘, прва фабрика во Македонија за производство на фотоволтаични панели по сите светски стандарди и за 4,5 години успеавме со натчовечки напори и заслуги на сите наши вработени од двете компании да произведеме преку 80 MW коишто, освен на домашниот пазар, успешно ги пласираме и во регионот (Србија, Косово, Албанија, Турција …) и во држави на Европската Унија, како Романија, Хрватска, Полска, Бугарија и други“ пишува во заедничката реакција потпишана од двете фирми.