logo
logo
logo

Пендаровски: Заштита на критичната инфраструктура предуслов за функционална држава

Vecer | 16.06.2021

Пендаровски: Заштита на критичната инфраструктура  предуслов за функционална држава

Во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, а во соработка со партнерската Фондација „Фридрих Еберт“, канцеларија во Северна Македонија, денеска беше одржана конференцијата на тема „Критична инфраструктура: ЕУ димензија, закон, стратегиски и институционален пристап“.

Говорејќи за динамичните промени и растечката непредвидливост со која со соочува целиот свет, претседателот Стево Пендаровски во своето воведно обраќање нагласи дека новите асиметрични закани и зачестените природни и од човекот предизвикани непогоди и катастрофи ја зголемуваат ранливоста на критичната инфраструктура и со тоа ги загрозуваат виталните функции на државата и општеството.

„Отежнувачки фактор за нас е што Северна Македонија се наоѓа во еден од климатски, но и безбедносно најранливите региони во Европа. Поради незавршената интеграција на регионот на Западен Балкан во Европската Унија и во НАТО, степенот на порозност на критичната инфраструктура секогаш има и нагласена безбедносна димензија, дополнително засилена со присуството на новите хибридни закани“, рече Пендаровски, оценувајќи дека во такви сложени услови нашата држава е недоволно подготвена.

Според Пендаровски, за да имаме вистински функционална држава со одржлива развојна економија и можност за планирање на иднината, неопходно е да изградиме ефикасен систем за заштита на критичната инфраструктура, процес кон кој мора да пристапиме темелно и без импровизации.

„Треба да се утврдат јасни критериуми за идентификација на критичната инфраструктура и да се направат проценки на ризиците и заканите по нејзиниот интегритет. Овој потфат е преголем за само една институција и за само еден мандат. Неопходно е да се вклучат сите надлежни државни институции, релевантни оператори и компании од приватниот сектор, како и искусни експерти од областа“, подвлече претседателот.

Посочувајќи ја директивата на Европската Унија од 2008 година како ориентир при конципирање на идното решение, тој нагласи дека би можеле најдобрите европски искуства да ги прилагодиме на нашиот домашен амбиент и постојните системски решенија. Стратегијата за заштита на критичната инфраструктура, истакна претседателот Пендаровски, треба да биде комплементарна со другите сродни стратегиски документи за одбрана, енергетика, економски развој, животна средина и намалување на ризиците од катастрофи.

„Северна Македонија има потреба од заштита на критичната инфраструктура. Неопходно е без одлагање да пристапиме кон изработка на стратегија што ќе биде преточена во единствено законско решение и пропратни оперативни документи. Треба да бидеме свесни дека тоа не е ни малку лесна задача. Градењето на систем за заштита на критичната инфраструктура е крупен предизвик и за многу поголеми и поразвиени држави од нашата. Но, ако не го направиме тоа, цената може да биде многу висока“, заклучи Пендаровски во своето обраќање.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека членството во НАТО значи дека сме дел од колективната безбедност и затоа треба да ја подобриме и отпорноста на критичната инфраструктура.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk