logo
logo
logo

Пендаровски негира дека службената белешка за Камчев протекла од неговиот кабинет

Vecer | 07.05.2021

Пендаровски негира дека службената белешка за Камчев протекла од неговиот кабинет

Шефот на државата Стево Пендаровски, е загрижен што службената белешка со назнака „строго доверливо“ од Агенцијата за национална безбедност, по која на бизнисменот Орце Камчев доби притвор, протекла во јавност.

За лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, не е ништо чудно што документот протекол од институциите. Пендаровски одби да ја коментира содржината, а пак, Мицкоски, кажа дека од неа се гледа дека Заев се пресметува со бизнисменот Камчев и затоа му е одреден притвор. Претседателот на државата кажа дека белешката не протекла од кај него, иако ја имал во неговиот кабинет.

„Службената белешка од АНБ, не можам да ја коментирам содржински. Јасно е од кои причини, има постапка и додека не заврши со правосилна судска пресуда, како граѓанин и политичар не би смеел да коментирам, бидејќи е мешање во судството. Инаку, јас сум еден од неколкумината корисници во државното раководство кој ја доби таа белешка на времето и можам да ви кажам дека примерокот кој е објавен, по интерната истрага, не е излезена од мојот кабинет, ниту од службите под моја директна надлежност. Тоа ми е драго, но не ми е драго, што такви високо класифицирани документи, независно од нивната содржина, излегуваат во јавност. Истрагата треба да покаже како е можно при прилично лимитиран број на државни субјекти во сферата на судството и државно раководство, како е воопшто излезен тој документ. Ние сме една година членови на НАТО, многу ни е важно тие информации да ги читаат само оние за кои се наменети“, рече Пендаровски.

Мицкоски за службената белешка рече дека ако вака ни протекуваат документи од АНБ, тогаш многу брзо ќе го изгубиме државниот суверенитет.

„Не е првпат да политички неистомисленици на Зоран Заев со половина лист хартија напишан на рака, бидат ставани во притвор или затвор. Затоа не ме чуди, ова што протече. Очекувам тоа што се додека Зоран Заев таму каде што е, секој неистомисленик кој што не клима со главата, не коленичи, не моли, како многумина, како што е последниот случај, еве овој бизнисмен. Тоа што протекуваат документи од државните институции, за тоа треба да се позанимаваат државните институции и луѓето кои што ги раководат тие институции. Треба кон некои од нив да има некакви консеквенции, бидејќи ако вака на нас ни истекуваат документи од АНБ или други витални институции, тогаш ние многу брзо ќе го изгубиме суверенитетот врз државата“, посочи Мицкоски.

Медиумите деновиве објавија дека Агенцијата за национална безбедност и Обвинителството за гонење на организиран криминал веќе истражуваат како доверливиот документ заврши на социјалните мрежи. АНБ кажа дека ќе излезе со соопштение, а Обвинителството од старт посочи дека документот не е излезен од кај нив. Тајниот документ го има и во Кривичниот суд, од каде не одговараат на прашањето дали е можно од кај нив да е протечен документот во јавноста и дали автентичен со оригиналот.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk