logo
logo
logo

За инструктор – 5.000, за попишувач – 4.000 денари: Колкави се паушалите за пописот?

Vecer | 25.02.2021

За инструктор – 5.000, за попишувач – 4.000 денари: Колкави се паушалите за пописот?

Околу 4000 кандидати се пријавени за попишувачи и реонски инструктори на јавниот Конкурс за ангажирање за претстојниот попис на населението, на домаќинствата и на становите, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Пријавувањето, како што информираат од ДЗС, е многу едноставно, преку електронската апликација поставена на веб страницата: https://popis2021.stat.gov.mk/ каде што може да се најдат сите информации за повикот. Пријавувањето трае од 23 до 28 февруари.

На конкурсот можат да се пријават сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се невработени со завршено најмалку средно образование и имаат основни компјутерски вештини.

Дополнително, ДЗС во Правилникот за утврдување на начинот и поблиските услови за утврдување на надоместокот за извршените работи на учесниците во Пописот 2021 година ги утврдува и надоместоците за реонските попишувачи и реонските инструктори.

Надоместот за попишувачите за правилно внесени податоци во електронскиот прашалник ќе изнесува за 4.000 за попишувач, за секое попишано лице по 30 денари, за секој попишан стан по 20 денари, за секое попишано домаќинство по 50 денари. Паушалот за лице одредено за резерва е 5.000 денари, а секој ден ангажирање по повик на резервниот попишувач е 700 денари.

Надоместот на реонскиот инструктор, како што се наведува, се утврдува да изнесува – паушален износ за реонски инструктор 5.000 денари, за секоe попишано лице од попишувачот по три денари, за секое попишано домаќинство од попишувачот по пет денари, за секој попишан стан од попишувачот по два денара.

– Ги поттикнуваме сите заинтересирани лица за учество во пописните активности да се пријават на Конкурсот за реонски попишувачи и реонски инструктори, а крајниот износ на надоместот ќе зависи најмногу од нив – од нивната професионалност, посветеност и квалитетот на извршеното попишување, се вели во соопштението.

Пописот на населението, на домаќинствата и на становите во земјава ќе се спроведе од 1 до 21 април.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk