Здравствените власти остануваат на ставот Астра Зенека да не се дава на помлади од 60 години. Ова следи откако Европската агенција за лекови препорача секоја земја да заземе став поради можна појава тромбози кај млади лица после примена на вакцината.

-За тие што веќе добија една доза вакцина на „Астра Зенека“, а тоа се луѓето кои се вакцинираа во Србија, нема никакви препораки за каква било претпазливост, освен ако имаат некакви симптоми да се јават на контрола и преглед на лекар. Во однос на ревакцината со оглед на тоа што треба да дојде за период од три месеци засега нема некаков став, а ќе ги следиме и насоките од ЕМА и од други национални агенции и во текот на следниот период ќе заземеме став и во однос на ова прашање, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Премиерот Заев пак утринава најави дека во земјава до крајот на април ќе стигнат над 300.000 вакцини од различни производители.

-Очекуваме да стигнат првите вакцини од од 651-та илјада од Европската унија наменети за Западен Балкан, од кои за нашата земја се 100 илјади. Се надевам дека следните денови или следната седмица ќе стигнат 20 – 25 илјади од нив, бидејќи неколку пати напоменуваме дека не зависи тоа од нас туку и од испорачателот, Се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од Фајзер, со кој, вели, државата има договор за 800 илјади вакцини, како и втората пратка преку Ковакс механизмот која исто така треба да пристигне во тек на овој месец. Според Заев, се очекува да стигнат и 200 илјади кинески вакцини планирани за овој месец, како и значителна количина од Спутник В, за кои има договор за 200 илјади дози, изјави Премиерот Зоран Заев.

-Јас не знам за датум, но убеден сум дека Русија кога ќе пристигнат останатите вакцини Спутник В, но убеден сум дека вакцинацијата на македонските граѓани ќе оди непречено и Договорот потпишан од страна на Рудскиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство ќе биде испочитуван, изјави Сергеј Баздникин, амбасадор на Русија во Македонија.

Во меѓувреме во земјава се користат 44.000 дози Астра Зенека преку Ковакс за постарите од 77 години и Спутник донација од Србија за вработени во стратешки институции. Термините за руската вакцина во салата Борис Трајковски се закажани за до следниот петок кога и ќе се потроши целата пристигната количина. Иако нема конкретен датум кога ќе стигнат нови вакцини Филипе уверува дека нема да има пауза во масовната имунизација во спортската арена.