logo
logo
logo

Ова се сите нови мерки и ДЕТАЛИТЕ ЗА ЗАРАЗЕНИ ПО ГРАДОВИ

Vecer | 06.04.2021

Ова се сите нови мерки и ДЕТАЛИТЕ ЗА ЗАРАЗЕНИ ПО ГРАДОВИ

Вчера беа регистрирани нови 37 починати лица, како и нови 301 случај на Ковид-19 од направени 1.431 тестирање. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.977, а бројот на активни случаи изнесува 20.802. Вкупно биле заразени 135 167 лица.

Дополнителните рестриктивни мерки, според министерот за здравство Венко Филипче, се со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне.

– Се соочуваме со бран кој е предизвикан од мутација на вирусот која е различна во однос на карактеристиките кои вирусот и бранот го имаше во ноември. Имаме голем број хоспитализирани пациенти, лекувањето трае подолго отколку минатата година. Празниците кои доаѓаат дополнително може да ја комплицираат епидемиолошката ситуација. Во таа смисла се сите овие дополнителни рестриктивни мерки со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне, истакна Филипче.

Се заоструваат рестриктивните ковид мерки – полицискиот час наместо од 22 во наредните две недели ќе почнува од 20 часот, а од утре за гости се затвораат сите угостителски објекти, како и угостителскиот дел од обложувалниците. Од денеска се затвораат и фитнес салите, спортските и салите за вежбање и се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Заменик-министерот за здравство Илир Хасани, рече дека мерките се рестриктивни, но имаат за цел да се заштитиме и претстојните празници да ги поминеме во мир и спокој.

Новите рестриктивни мерки имаат за цел да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам.

Одлуката за затворање ќе трае до 20 април 2021 година, а како што соопшти Владата по вчерашната седница, објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна, а исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.

-Се наоѓаме на праг на големи верски празници, но свесни сте дека сме во тешка општа состојба. Размисливме проактивно. Се најдовме пред два избора или ќе го ограничиме пост или ќе се затвораме за Бајрам или Велигден. Ако не носиме одлуки ќе се соочиме со затворање и за Бајрам и за Велигден. Се надеваме дека тоа нема да се случи и дека празниците ќе ги поминеме без големи ограничувања, рече Хасани.

По одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти како дел од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори побара итна финансиска помош за овој сектор, каде според нивните проценки без основни приходи ќе останат околу 30 илјади граѓани кои работат во овој сектор.

– Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места, вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека со објавените мерки паднале во вода сите тврдења дека состојбата е под контрола.

– Паднаа во вода сите нивни тврдења дека состојбата е под контрола, дека системот е добро организиран и дека нема потреба од нови мерки, како што изјавуваа пред само една недела, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков

Досега полицискиот час почнуваше од 22 часот, а угостителските објекти работеа до 21 часот. Одлуката за полициски час од 22 часот беше донесена на 9 март и почна да се применува од 10 до 22 март. Потоа беше донесена одлука тоа ограничување да важи до денеска – 6 април.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 135.167, бројката на оздравени пациенти е 110.388, на починати е 3.977, а бројот на активни случаи изнесува 20.802.

Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови е следна:

Скопје 60472, активни 10319

Прилеп 7304, активни 1099

Куманово 7181, активни 1047

Тетово 6482, активни 651

Битола 4814, активни 996

Велес 4728, активни 788

Гостивар 4680, активни 505

Кавадарци 4618, активни 709

Штип 4402, активни 464

Охрид 4288, активни 794

Струмица 3392, активни 412

Струга 2736, активни 245

Кочани 2340, активни 273

Кичево 2097, активни 223

Неготино 1990, активни 369

Гевгелија 1915, активни 381

Свети Николе 1309, активни 120

Крива Паланка 1101, активни 102

Ресен 1066, активни 199

Радовиш 943, активни 134

Берово 882, активни 118

Дебар 869, активни 57

Делчево 867, активни 97

Пробиштип 709, активни 80

Виница 654, активни 102

Валандово 545, активни 88

Крушево 439, активни 120

Богданци 425, активни 69

Демир Капија 370, активни 72

Кратово 337, активни 26

Демир Хисар 331, активни 41

Македонски Брод 313, активни 42

Пехчево 238, активни 28

Македонска Каменица 212, активни 17

Дојран 118, активни 15

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk