logo
logo
logo

Цената на струјата е нивниот рудник

ОВА СЕ ГАЗДИТЕ НА СТРУЈАТА, лани имале 770 МИЛИОНА ЕВРА ПРИХОДИ!

Vecer | 03.08.2022

ОВА СЕ ГАЗДИТЕ НА СТРУЈАТА, лани имале 770 МИЛИОНА ЕВРА ПРИХОДИ!

Десетте најголеми фирми за трговија со струја лани приходувале солидни 770 милиони евра! Седум меѓу нив годината ја затвориле со добивка, а најуспешното има профит помал од еден милион евра. Но затоа најголемата загуба за лани е 16,5 милиони евра, пишува порталот Фактор

Трговијата со електрична енергија во Македонија е еден од најголемите бизниси. Се вртат десетици милиони евра, а со добра зделка и за час се прават солидни профити. Се рабира за тие што ги познаваат добро „патиштата на струјата“, ја разбираат трговијата со прекугранични капацитети за пренос на електрична енергија и знаат од каде и по која цена, а во кој период да купат и да ја донесат оваа вредна стока на македонскиот пазар.

Оваа трговија има и друг поважен сегмент! Тоа се транзитите со електрична енергија во кои најдобро поминуваат планерите кои најдобро ги познаваат „патиштата“ за транзит на електрична енергија, а мета им се големите потрошувачи на струја како што е на пример во лето нашиот јужен сосед Грција.

Минатата година сепак беше уникатна заради кризата со пазарите на електрична енергија предизвикани од зелените рестрикции на ЕУ кои како да беа најава за војната во Украина која почна со руската агресија кон крајот на февруари годинава и трае се уште. Цените на струјата генерално побеснеа, а не беше исклучок ниту пазарот на електрична енергија. Напротив, ценовните разлики за набавка на струја се страшно високи и тоа може да се илустрира со часовните цени за мегават струја кои не ретко надминуваат 400 евра за мегаватчас на нашата референтна берза ХУПЕКС во Унгарија.

Како се справија домашните трговци со електрична енергија како и тие што со години наназад го снабдуваат македонскиот увозно-зависен пазар? Генерално, ја преживеаја годината на позитивна нула иако сите во последните три месеци книжеа загуби од разбеснетите берзански цени без разлика дали станува збор за фјучерси, билатерални договори или купување на спот-пазарите по принципот набавка на струја ден пред достава.

Според официјалните податоци на најмеродавната домашна институција од оваа област Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) лани на домашниот пазар струја тргувале 27 трговски компании од регистрираните 35 фирми за трговија со струја. Вкупно на домашниот пазар на билатерални договори (затоа што берзата е во основање и уште не работи) лани биле истргувани 4,34 милиони мегаватчасови електрична енергија. Според податоците на РКЕ тоа е повеќе од 50 отсто од целиот конзум на струја во земјава.

На нашиот пазар убедливо најголема трговска компанија и понатаму останува да биде македонската филијала на словенечкиот гигант ГЕН-И Енергија. Оваа компанија нашиот пазар работи десетина години и е пионер во регионалната трговија со струја. Занимливо е тоа што е холдинг во чие портфолио има и производство на струја, а потекнува од првата југословенска трговска фирма специјализирана за струја „Истра бенз“.

Интересно е тоа што актуелниот словенечкио премиер Роберт Голоб беше неколку години извршен директор на ГЕН-И Словенија, кој дејноста,меѓудругото, ја специјализирал во САД на берзите за енергетски фјуџерси. ГЕН-И Македонија лани низ нашиот пазар истргувал 195 милиони евра, а македонската филијала годината ја завршила со добивка од 363.000 евра.

Според официјалните податоци на РКЕ , ГЕН-И Македонија на нашиот пазар продала над 671.000 мегаватчасови струја што е над 15% од целата енергија истргувана на пазарот за струја во земјава. Важно е да се истакне дека ова е само дел од приходот на ГЕН-И Македонија кој е познат по своите транзит – зделки низ македонската електропреносна мрежа во кои најчесто цел на достава е соседна Грција во екот на туристичката сезона.

[caption id="attachment_1094181" align="alignnone" width="800"] Socket with coins and banknotes[/caption]

Трговска компанија која најмногу продавала на нашиот пазар за струја лани е ЕВН Трејдинг (фирма ќерка на австриска ЕВН, но со седиште во Софија, соседна Бугарија). Оваа компанија е на четврто место на листата најголеми трговци во земјава според остварените приходи. Но според количината продадена енергија по пазарна цена е најголем трговец со реализирани 934.000 мегаватчасови што претставува 21,5 отсто од целото количество продадена енергија лани по пазарни цени.

Во големата тројка, според приходот, е македонската филијала на најголемиот швајцарски производител на струја „Алпик Енергија“. Истргуваната енергија низ македонска територија вреди 104,4 милиони евра,а на нашиот пазар оваа компанија пласирала речиси 400.000 мегаватчасови струја што претставува 9 отсто од целиот пазар.

Конечно, лани на листата на десет најголеми трговски компании се најде и ЕСМ Продажба фирмата ќерка на домашниот државен производител на струја. Ова друштво уште срамежливо продава „вишоци“ струја кои може да ги пласира државниот производител кој на свои плеќи мора да ја носи енергетската политика на Владата која и по 15 години од почетокот на реформите уште е доминантно социјална и минимално пазарна. Впрочем затоа и ЕСМ е во таква ситуација во каква што е ...

Но еве, ЕСМ Продажба лани има приход од 35 милиони евра и успеа да заврши со добивка од 167.000 евра. ЕСМ Продажба лани на пазарот пласирал 161.000 мегаватчасови што е 3,5 отсто од целата домашна продажба.

Трговци со струја со најголеми приходи во 2021 година

*Појаснување: ЕВН Хоме не е дел од ова рангирање и покрај тоа што има најголеми приходи затоа што не е класичен учесник на пазарот. Оваа компанија најголемиот дел од електричната енергија ја купува од ЕСМ по цена утврдена со одлука на Владата

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk