logo
logo
logo

Ова се алпинистите кои загинаа во силосот на „Бучим“

Vecer | 14.10.2021

Ова се алпинистите кои загинаа во силосот на „Бучим“

Македонската алпинистичка федерација ги објави имињата на двајцата алпинисти на локалниот клуб „Плоча“ од Радовиш кои загинаа чистејќи го едниот силос на рудникот „Бучим“ и изрази сочувство до нивните семејства.

„Со длабока жал споделуваме дека смртно настрадани во несреќата се алпинистот Зоран Мајсторски и Драган Станишков од Радовиш. Искрено сочувствуваме со фамилиите на двајцата“, гласи реакцијата на асоцијацијата на алпинисти.

За Зоран Мајсторски се вели дека бил еден од столбовите на македонскиот алпинизам кој оставил значителен алпинистички траг кој вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања и потенцијал кој го поседувал.

За Мајсторски пишува дека 20 години работел како снимател во Регионална телевизија Кобра и локалната ЕМИ телевизија, а негово последно снимање било на дебатна емисија со кандидатите за градоначалници на Радовиш.

Јавното обвинителство соопшти дека и денес тече увидот на нивни екипи за да се утврдат причините за несреќата и смртта на двајцата алпинисти чии тела се дадени на обдукција.

„Во текот на увидот, по дадени насоки и наредби од Обвинителството, извршено е фотографирање на самото место на настанот. Обезбедени се затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб `Плоча`, правилниците за работа на работната единица Флотација. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите“ - соопштија од ЈО.

Советот на општина Радовиш на вонредна седница донесе одлука денеска да биде ден на жалост заради смртта на двајца сограѓани кои со постигнатите резултати во алпинизмот ја промовирале општината.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk