logo
logo
logo

Ова е ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

Vecer | 30.10.2021

Ова е ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

Зградата на Собранието е една од најмонументалните градби во Скопје, за која во 1930 година бил распишан конкурс за проектирање, на кој победиле руските архитекти Иван Рик и Виктор Лукомски. Зградата била завршена во 1938 година според проектот на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак, со поедноставена геометриска варијанта на академизмот, така што се изоставени фасадни елементи. Применета е фасадна декорација со геометриски содржини присутни во одделни партии.

Од 1939 година до Втората светска војна објектот се користел како управна зграда на тогашната Вардарска Бановина. За време на Втората светска војна во зградата биле сместени единици на бугарската и на германската управа.

Во 1944 година, по ослободувањето на Скопје, во зградата била сместена целокупната понова администрација на македонската народна власт, претседателот на Демократска Федерална Македонија, Народното собрание, Владата и Уставниот суд. Од 1991 година, со осамостојувањето на Македонија, во зградата се сместени две институции: Кабинетот на Претседателот на Републиката и Собранието. Таквата состојба трае сѐ до 2009 година, кога кабинетот на Претседателот на Републиката е преместен во новоизградените простории.

Во составот на кабинетот на Претседателот на Собранието влегува и салата „Длаборез“, ентериерно уредена во 1938 година со ѕидови и таваница комплетно обложени со резбано дрво. Изведбата на резбата му била доверена на Глиша Костовски, столар и резбар од Тетово.

Во годините наназад се направени неколку реконструкции и доградби на објектот на законодавниот дом. По земјотресот во 1963 година, зградата на Собранието била оштетена, по што биле преземени поголеми зафати за нејзина реконструкција.

Во 1967 година е направено првото реновирање на парламентарната зграда, а денешниот изглед просторот го добива во 1999 година. Во таа смисла, од архитектонско-естетска гледна точка, највпечатлив дел се ѕидовите украсени со мозаици изработени од уметникот Газамфер Бајрам. Со последната реконструкција во 2013 година е направена конзервација и реставрација на резбата во салата.

Холот на Собранието е направен во 1954 година и се наоѓа непосредно пред кабинетот на претседателот на Собранието. Сегашниот изглед го добива со ентериерното уредување во 1993 година, додека во 2000 година се изработени и поставени портретите на сите претседатели на Собранието од 1945 година до денес.

Со првата реконструкција на свечениот дел во 1954 година е изведена и Охридската сала со ѕидови и таваници во дрворез, изработена од мајсторите од традиционалната резбарска школа во Охрид. Направена е реставрација на резбата, ламперијата и на вратите и по последната реконструкција тие се поставени автентично во првобитната состојба.

Исто така, изведена е и Струшката сала, и тоа со резба на таванот изработена од копаничари од Струга. По реконструкцијата е направена реставрација на резбата, ламперијата и на вратите и тие на автентичен начин се вратени во првобитата состојба. Истата година е изградена и Салата на Уставната комисија, со ламперија во интарзија и тавани со гипсани декорации изработени од дримколските мајстори. Со последната реконструкција се опфатени ѕидовите, каде што ламперијата е демонтирана, репарирана, лакирана и одново монтирана.

Главниот влез на македонскиот законодавен дом е уреден со првата реконструкција во 1954 година, додека со последната реконструкција се опфатени столбовите, а на местото на главниот хол е изведено физичко поврзување на целиот сутерен. Денес подовите и столбовите на главниот влез се обложени со нов гранит со посебни шари. На скалите што водат на катот кон Кабинетот на Претседателот автентично е поставен бел македонски мермер, а на оградата е задржан стариот сив македонски мермер.

Во 2004 година, непосредно до Струшката сала е изведена спомен-собата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонја (АСНОМ). Со последната реконструкција просторот комплетно е реконструиран. По повод петгодишнината од смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, просторот е именуван како сала „Борис Трајковски“. Во 2011 година пред зградата на Собранието е поставен бронзениот споменик „Никола Карев“ (посветен на македонскиот херој и претседател на Крушевската Република).

Во 2013 во сала 4 биле изведени кабини за симултан превод, како и посебна термоизолација и нова фасада. Реализацијата на проектот за доградба, надградба, адаптација и зајакнување на објектот на Собранието започнува од 1 април 2010 година.

При градбата се изведени нови простории на повеќе од 4 000 м2. Доградбата претставува нов објект, кој се простира непосредно до салата „Борис Трајковски“ и е изведена на 5 нивоа, приземје и четири ката. На приземјето и на трите ката на површина од 1 100 м 2 се распоредени 24 работни простории, по едно бифе, санитарии, лифт, два скалишни простора и два моста за врска со сите катови од постојниот собраниски објект. На најгорното, четврто ниво од доградбата е изведена повеќенаменска сала под големата купола, со површина од 511 м 2, со 204 места за седење, со 9 кабини за симултан превод распоредени на две нивоа и со кабина со аудио- и видеоопрема. Пред салата се простира хол со придружните простории.

Наспроти доградбата, надградбата била изведена над постојниот петоаголен кабарит на објектот на Собранието, на ниво на третиот кат и над Кристалната сала на ниво на вториот кат. Надградбата на третиот кат е изведена на површина од 2 300 м2, при што се распоредени 70 работни простории, 6 сали за комисии, од кои две се поставени под двете мали куполи, 5 технички соби, видиковец на предната страна и тераса.

Со адаптацијата на сутеренскиот дел се изведени работни простории за Парламентарниот институт и за Европскиот центар, простор за фитнес-сала и други делови. Во оваа смисла, непосредно под салата „Борис Трајковски“ е формирано собраниското студио од 240 м2, со сите содржини и опрема потребни за квалитетно функционирање.

Во преостанатите делови од сутеренот соодветно е уреден просторот на ресторанот и на собраниската печатница. Со изведувањето на доградбата и на надградбата, вкупната површина на зградата на Собранието изнесува 18 127 м2. Хронолошки гледано, зградата на Собранието претставува стожерен објект, кој ги издржал сите премрежиња кои се составен дел од македонската историја.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk